Поранешниот премиер Никола Груевски денеска на Фејсбук ја коментираше последната истрага на СЈО во која тој и Ахмети се осомничени дека го договориле прекинот на пописот, бидејќи резултатите немало да им бидат во корист.
-Ако против мене и против други партиски и владини функционери водат истраги и поднесуваат обвиненија за работи за кои одлука донел Парламентот на Република Македонија со гласање закон, како што се прекинот на пописот и договорот за градба на двата автопати, при што за ова второто, за автопатите гласала и СДСМ, каква ли ќе биде одговорноста еден ден за законот за употреба на јазиците кој кога би стапил на сила, освен политички би имал сериозна финансиска импликација на Буџетот, а плус е неуставен и во незаконска постапка и насила „поминат“ во Парламентот. За него сигурно „не разговарале“ и „не го договориле“ Заев и Ахмети…
Па потоа за анексот на договорот за автопатиштата кој го склучија и тоа со компанија која според СДСМ/СЈО незаконски сме ја одбрале.
Па измената на законот за администрација од јануари годинава со која се овозможи СДСМ да го започне проектот за илјадници партиски вработувања, на сметка на државниот буџет. И за тој закон сигурно Заев и другите од власта „не разговарале и не договориле ништо“ , туку законот паднал од Марс директно во Парламентот и се изгласал…
Па за еден куп други владини одлуки и одлуки на Парламентот, за кои ќе се бара индивидуална одговорност според новите правила и принципи наметнати од СДСМ/СЈО, кои можат да се поткрепат, ако не со креирани снимки, тогаш со „два сведока“…
Па тек за името кога ќе дојде…..ќе биде забавно…, пишува Груевски.
Тој потоа се осврнува на истрагата на СЈО за пописот и вели дека тоа може да го смисли само обвинител кој сака кандидатура за претседател на државата.
-Инаку уште не можам да се изначудам и изнасмеам на онаа ептен интелегентна „досетливост“, како јас и Али Ахмети по две години подготовка на пописот, гласање закон за тоа, формирање пописна комисија од 25 луѓе, работа на тие луѓе, сите можни детали во подготовките, баш кога почнал пописот сме се сетиле дека бидејќи имало многу иселени од Македонија, ако дозволиме да заврши пописот ќе се видело колку се иселени и ќе сме загубеле гласачи на избори. Значи не сме сетиле на тоа кога се носел законот за попис во Парламент, а по предлог на Владата, ниту низ целиот период на подготовки, ниту на неколку дена или недели пред да почне пописот, туку баш неколку дена откако почнал. Ваква итроштина може да смисли само обвинител кој обвинителската работа ја гледа исклучиво како „отскочна даска“ за влез во политика и по можност кандидатура за Претседател на државата, за доаѓање до таа цел очигледно некој смета дека треба да се смислат приказни за забава на народот, да се обвинат политичари за да се влезе во политиката, заклучува Груевски.