Груби: Целосниот договор со „Бехтел и Енка“ е доставен во Обвинителство, а до Антикорупциска редактирана верзија

by Fokus

Целосната верзија од договорот со „Бехтел и Енка“ е доставена само до Јавното обвинителство, а до Антикорупциската комисија доставена е редактирана верзија, рече вицепремиерот Артан Груби.

Државната комисија за спречување на корупцијата денес се пожали дека сè уште не го добиле целиот договор за да можат да работат на предметот кој што го отворија по допрен глас.

Груби на денешниот настан по повод почнување со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар изјави дека Антикорупциска нема да го добие целосниот договор.

„Согласно договорот што е потпишан, има клаузула за доверливост. За да се достави до медиумите, Собранието и до ДКСК или која било друга институција, освен Јавното обвинителство, мора да има согласност од двете страни, односно од Владата и од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тие ни доставија редактирана верзија којашто е доставена до ДКСК за разгледување. Целосната верзија од договороте доставена само со Јавното обвинителство“, изјави Груби.

ДКСК отвори предмет за проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д за којшто е потпишан Договор со „Бехтел и Енка“ по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзор, а предмет по допрен глас отвори и Јавното обвинителство.

Опозицијата и понатаму бара договорот да биде јавно објавен а во Собранието не е одредена Комисијата на која ќе се разгледува договорот односно на која преставаници на Владата ќе презентираат на што се обврзала Владата, а на што Конзорциумот.

Груби рече дека ниту евентуално оспорување на Уставен суд на изгласаните во Собрание законски измени и потпишани од претседателот на државата, Стево Пендаровски, нема да направи измени на договорот со „Бехтел и Енка“.

„Нема да паднат на Уставен, не верувам дека ќе паднат на Уставен. Не гледам причина зошто би имало иницијатива до Уставен затоа што никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часа. Се координира целата работа со правната служба во Владата, со законодавно-правната комисија, со сите експерти што ги имаат Владата и министерствата и со Министерството за труд и социјала. Нема апсолутно никаква причина ниту да се оспори ниту да се разгледува, претпоставувам, од Уставниот суд. Законското решение предвидува да може да работат прекувремено, како што може и сега, но за тоа ќе траба да дадат писмена согласност дека прифаќаат да работат прекувремено и за тоа мора да им се плати“, рече Груби.

 

 

Поврзани новости