Владата ја усвои одлуката за прогласување кризна состојба во наредите 30 дена поради ситуацијата со пожарите, соопшти првиот вицепремиер Артан Груби, во изјава за настан по повод 20-годишнината од Рамковниот договор.
Груби рече дека претпладнево тој ја водел седницата на Владата, на која е прифатен предлогот на Управувачкиот комитет за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава.
Тој посочи дека и други земји во Европа во овој период се соочуваат со пожари, поради големите жештини, и изрази надеж дека прогласувањето на кризната состојба, заедно со забраната за движење по шуми, ќе придонесе за надминување на ситуацијата со пожарите во земјава.
„Се обидуваме со целосна мобилизација на капацитетите да се справиме со пожарите. Сметаме дека ваквата одлука, заедно со забраната за движење во шуми, ќе помогне да ја запреме огнената стихија. Речиси над 80 проценти од пожарите се предизвикани од човечки фактор“, рече Груби.