Груби планира да позајми ново возило, кој го запали „аудито“ на пријателот?!

„Фокус“ објави дека пријателот на вицепремиерот Артан Груби е Беким Лимани, сопственик на „Еуро Kом Лигхтинг“, која, според официјалните податоци, бележи раст во приходите од 150 отсто за една година, а лани остварила добивка од 3 милиони евра.

by Фокус

Три месеци откако беше опожарено возило марка „ауди“ што го управувал првиот вицепремиер Артан Груби, се уште не се пронајдени лицата што го сториле овој чин, иако има одредени сомневања.

-Се надевам дека нашата полиција ќе го открие сторителот и ќе одговара за тоа што го направи. За жал, се уште нема резултати. Има сомневања за одредени лица, но конкретни резултати нема – рече Груби на Канал 5.

Одговарајќи на прашањето дали му купил возило на пријателот, тој одговори: „Не. Многу добар пријател, сепак. Не купив ни за себе, ни за човекот. Немам приватно возило, немав пред 2 години, би позајмил некое друго…“.

КОЈ Е ПРИЈАТЕЛОТ?

Кога се случи овој настан, дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации од МВР, објавија дека се работи за лице Бекир Лимани.

Но, „Фокус“ објави дека тоа е грешка, бидејќи, според добро упатени извори, станува збор за Беким Лимани, кој го паркирал возилото и бил заведен според возачка дозвола.

Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?

Станува збор за сопственикот на компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која, според нашите информации, се јавувала како сопственик на „аудито“ тип А6, 3.0 ТДИ, произведено во Германија во 2021 година, а регистрирано во земјава пред нецела година.

Како вицепремиерот Груби управувал „ауди“ А6 старо 2 години, во сопственост на приватна фирма?

КОЈА Е КОМПАНИЈАТА?

Претходно, „Фокус“ пишуваше за „Еуро Ком Лигхтинг“, кога оваа човек-фирма за осветлување го купи хотелот на Попова Шапка од компанијата „Гранит“ за 55 илјади евра.

Истражување на „Фокус“: Пред да добие нов милионски тендер за автопатот кон Блаце, „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување!

Инаку, тоа се случило непосредно пред градежниот гигант да го склучи вториот договор со ЈП за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми од ДУИ за комплетирање на автопатската траса до Блаце од 2 километри, која, како што обелоденивме, поскапе од 14 на 28 милиони евра.

Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Тогаш, оваа компанија ја поседуваа Лимани и турскиот државјанин Хусамеддин Озтурк, но, според историјатот, првично била основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“ Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на функционери на власта, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа.

ГОЛЕМ РАСТ

Арно ама, во меѓувреме дошло до промени, така што Озтурк излегол, па единствен сопственик на друштвото моментално е Лимани, кој Груби го ословува како добар пријател од кој позајмил возило. Исто така, промена се забележува и во финансиското работење.

Имено, финансиските извештаи покажуваат дека минатата 2022 година приходите на компанијата изнесувале 259 милиони денари, што претставува раст од околу 150 отсто во однос на 2021, кога тие изнесувале 106 милиони денари.

(АРХИВА) „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување, па добил нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!

За разлика од претходните години, кога друштвото работело со загуба, лани била остварена и добивка 3 милиони денари. Она што останува исто, тоа е бројот на вработени – 1.

„Гранит“ ќе ја гради и тетовската обиколница, на тендерот била „заобиколена“ аукцијата!

Влатко Стојановски

Поврзани новости