Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска ја појасни најавата за субвенционирање на вработувањата во приватниот сектор на припадници на другите етнички заедници во земјава.
– Во Владината програма која беше усвоена во Собранието стои дека Владата ќе го повика и охрабри бизнис секторот, домашните и странските компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранцијата, застапеноста и меѓусебната доверба и во нивните работни средини за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја, рече Груби во изјава за медиумите пред Владата, додавајќи дека идејата била да ги охрабрат компаниите во приватниот сектор да вработуваат и припадници на другите заедници.
Груби наведе дека уште не е познато како ќе се реализира субвенционирањето.
– Се уште не сме размислувале за мерките, вчера за време на дебатата беа разгледувани различни идеи на кој начин би можело да се помогне правичната застапеност на сите заедници и во приватните компании, посебно во тие каде и државата има удел, дали по критериумите на распределба на работата, дали преку субвенционирање, сепак останува да се види која е најдобра можна опција за да имаме и правично и адекватно застапување на сите заедници и во приватниот сектор, рече Груби, кој посочи дека ако се договори и изнајде добар метод тоа би била безболно и по буџетот и по ефикасноста на сите компании.
Според него, тоа би било од полза и за странските компании да имаат вработени припадници на другите етнички заедници и од практична гледна основа претежно за јазикот и за комуникација со граѓаните.
Оваа идеја, вели тој, како политичка партија ја претставиле за време на кампањата.
Етничкиот клуч, смета тој, е многу важен затоа што, како што посочи, всушност така налага и Охридскиот рамковен договор и уставното начело за правична застапеност на сите заедници во земјава.
– Тоа не значи дека тоа ќе биде помал квалитет во однос на луѓето кои ќе ги добијат работните места. Секако ќе треба да ги исполнува сите критериуми за да ги извршува работните задачи, која било личност која ќе аплицира за тоа работно место, не е дискриминирачки, туку напротив е правична застапеност на сите заедници според уставното начело кое го имаме, не треба да се гледа тоа како унапредување само на Албанците или само на Македонците, туку важи за Срби, Роми, Власи, Бошњаци, Турци и за сите други заедници, секако ако ги исполнуваат условите за работното место за кое тие би аплицирале, вели Груби.
Тој смета дека бројот на претставеноста на заедниците во приватните компании е многу мал.