Нема да одобриме наш потпис на срамен договор, со кој во Скопје ќе се нарекуваат „Македонци“ а нивниот јазик „македонски“, соопштија организаторите на денешниот протест во Атина и закажаа нов, во недела во Преспа, Дојче Веле.
Комитетот за заштита на грчкиот карактер на Македонија ги повика Грците да излезат на голем протестен митинг денеска во 10 часот, на плоштадот „Синтагма“ во Атина. Во соопштението, Владата на Ципрас е обвинета „дека се обидува да стави национален потпис на една кривична концесија на историјата, јазикот културата и единственоста на името Македонија, преку договор со Скопје“.
„Владата го продава името на нашата Македонија, со флагрантно кршење на нашата утврдена национална позиција. Ние нема да одобриме ставање наш потпис на таков срамен договор, со кој во Скопје ќе се нарекуваат ‘Македонци’ а нивниот јазик ‘македонски’“, соопштија организаторите.
Тие упатија криртики и до претседателот на Грција: „Дури и Прокопиј Павлопулос станува соучесник во злосторството“.
Организаторите најавија дека незадоволството нема да биде искажано само денеска во Атина.
„Во знак на протест против потпишувањето на договорот од страна на премиерите на Грција и на Македонија”, ги повикуваме граѓаните од Северна Грција на протест во Преспа на 17 јуни (недела) во 11 часот“, повикаа од Комитетот.
Притоа објавија телефонски број за резервирање места во автобусите, кои од Солун организирано ќе тргнат во 7,30 часот, со цена на автобуски билет од 10 евра.