Новите „селф“ тестови, односно брзите тестови за домашна употреба што ги воведе грчката Влада, од понеделник ќе бидат задолжителни и за вработените во малопродажбата, супермаркетите, продавниците за храна и пијалаци, транспортот, службите за чистење, фризерските и козметичките салони, берберниците, обложувалниците, а без потврда за негативен резултат, нема да им биде дозволено пристигнување на работното место, паралелно, предвидени се и казни за непочитување на новото правило, јави МИА од Атина.
На денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција, министерот за труд и социјални прашања Костис Хаѕидакис и алтернативниот министер за здравство Василис Кондозаманис го презентираа планот за „селф“ тестовите во јавниот и приватниот сектор, односно во оние сектори што одново почнаа со работа.
Хаѕидакис рече дека новите одлуки се во рамките на мерките што ги преземаат за контрола на ширењето на коронавирусот на работните места, а „селф“ тестовите ќе бидат бесплатни и задолжителни еднаш седмично.
Резултатите од тестовите, ќе се пријавуваат на специјалната интернет платформа, од каде што ќе се добива и потврдата при негативен резултат, додека пак доколку е позитивен, вработениот ќе треба во рок од 24 часа одново да се тестира во здравствена институција.
Во случај на потврда на првичниот позитивен резултат, тогаш се издава потврда и вработениот влегува во карантин. Работодавците нема да смеат да ги примат на работа вработените кои нема да донесат потврда за негативен селф тест.
Паралелно, предвидени се и парични казни во висина од 300 до 1 500 евра.
Работодавците ќе бидат обврзани да ги информираат вработените за задолжителните тестирања, во спротивно ќе бидат казнети со 300 евра.
Ако примат на работа вработен без потврда, казната е 500 евра, додека пак ако лице кое има позитивен резултат од селф тестот редовно оди на работа, работодавецот ќе плати 1 500 евра.
Алтернативниот министер за здравство Василис Кондозаманис објасни дека селф тестовите ќе бидат задолжителни и за дел од вработени во јавниот сектор, односно за оние кои работат во општинските центри за услуги на граѓаните, за вработени во локалната самоуправа, во програмата „Домашна помош“, вработени во службите за чистење и судски службеници.
Процедурата на тестирање и пријавување на резултатите е идентична како и за приватниот сектор.