Денеска почнува вакцинацијата на граѓани под 75 години

by Fokus

Благо намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19 се бележи во државава. Според надлежните, мерките даваат резултат, а нивното евентуално продолжување ќе зависи само од индикаторите. Вакцинацијата засега се одвива успешно. Денеска почнува вакцинирање и на граѓани под 75 години, пријавени преку сајтот „vakcinacija.mk”, или преку матичните лекари.

Во салата „Борис Трајковски” во Скопје вчера заврши вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура. Досега се вакцинирани близу 30 000 граѓани.

Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, од денеска ќе може да се вакцинираат граѓаните на возраст под 75 години, кои се пријавени преку сајтот „vakcinacija.mk” или преку матичните лекари, и тие ќе добијат термини за вакцинирање во Скопје.

Тоа значи дека сите граѓани на возраст од 74 и 73 години кои се пријавиле во следниот период ќе бидат вакцинирани.

-Фреквенцијата на спроведување на вакцинирање е нешто зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1000 до 1500 вакцинирани и согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови, истакна вчера Филипче.

Како доаѓаат вакцините, така ќе се надополнуваат системите, посочи Филипче. Како што информира, од компанијата „Фајзер” преку директен договор на 19 и 26 април треба да стигнат по 10.000 дози.

Исто така, се очекува и информација од Руската амбасада за дополнителни количини на вакцината „Спутник”, а до крајот на месецов би требало да пристигнат 76.000 дози на „Астра Зенека”.

 

Поврзани новости