Енергетските соработки во регионот, односно гасоводот ТАП, новиот гасовод со Бугарија, но и интерконекторот со Северна Македонија, по успешно завршениот маркет тест, ги спомена грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис како примери за проширувањето на гасоводната инфраструктура на Грција и истакна дека земјата е извозник на енергетска безбедност за соседите, јави дописничката на МИА од Атина.
Во обраќањето на 22-от ЛНГ светски форум што се одржува во Атина, Мицотакис посочи дека неговото внимание постојано било насочено на диверзификацијата на изворите на енергија, како и на флексибилноста за евентуалните инвестиции во Грција за, како што рече, заштита на енергетската безбедност на Европа.
-Оваа, досега невидена криза несомнено одново ја исцртува енергетската карта на Европа. Со гордост изјавувам дека Грција е на чело на оваа промена. Земјата е сидро во сè побурните мориња, а во овој момент е извозник на енергетска безбедност за нашите соседи и се стреми во иднина тоа да го направи во уште поголема мера, истакна Мицотакис.