Грозоморното убиство отвора низа прашања

by lali

Читам по медиумите дека по грозмоморното и бесмислено убиство на младиот матурант Ангел Петковски и последователните нереди во Ѓорче Петров на лице место бил и директорот за Управата за државна безбедност? Првото прашање ми беше: Зошто?

Зар немаме во МВР директор на Управа за јавна безбедност? МВР треба да го објасни ова, оти е многу индикативно за тоа кој, што и како работи таму, кој и кои се приоритетите? Исто така, МВР да појасни што и како (не) правело во врска со зголемениот број на кражби во тој дел од градот во последно време, ако е точно што се пишува по Фејсбук, па дали имало засилени патроли и други мерки? Како постапувало МВР со пријавите и жалбите на граѓани?

Дали и зошто биле толерирани ваквите криминални појави ако не биле инцидентни? Немање кадар и опрема? Лоша организација? Ако е тоа, зошто државата нема капацитет да се справува со растечките проблеми на јавната безбедност? (сообраќајки, кражби, разбојништва, се почести физички напади, итн.). Зошто не ги приоретизира? Зафатени се со „политичкиот криминал“ и ништење на политичката опозиција? Истоштени се од работата на изборни местенки и фалсификати?

Исто така, според мене, иако се работи за т.н. обичен криминал, не е анатема и е сосема легитимно да се анализира и етничката димензија – дали има каузална врска меѓу претежниот етницитет на вршителите на криминалните дела, ако постои таков, со претежниот етницитет на жртвите на нападите, ако постои таков – дали, како и зошто тоа влијаело на односот на МВР во Ѓ. Петров за да (не)реагира и да го толерира ваквиот криминал на кражби и разбојништва во тој дел од градот,а што кулуминираше со трагедија од која ви се превртува стомакот?

Дури, не е анатема сериозно да дебатираме дали полицајците се полицајци или се „етнички полицајци„ па толерираат обичен криминал кога сторителите се припадници од „нивната“ етничка заедница во средини на криминално оперирање кои се етнички мешани или имаат некаква друга етничка димензија?

Сограѓаните од албанската етничка припадност редовно и со години обвинува(ат) дека МВР и кривичната правда ги третира „поинаку“ дури и кај обичен криминал. Сега допираат муабети и гласови и за друго, и за обратното. Можно ли е во пост-рамковна Македонија да ни се усложнил проблемот, да добил и други манифестации, во однос на другите етнички заедници? Ми се чини и дека нередите што спонтано се случија синоќа имаат врска и со овие перцепции (или предрасуди – сериозна анализа треба да покаже!) кај граѓанството, и тие мора сериозно да се адресираат и во МВР и надвор од МВР, за сите како граѓани да дојдеме до тоа за што наводно декларативно зборуваме – криминалецот е криминалец, криминалното дело е криминално дело, независно од етничката припадност!

Медиумите и сите ние како граѓани треба овие прашања да ги поставуваме и да притискаме за одговори, правда и реформи. И за овој, и за сите вакви случаи. Ако без комплекси и (лажни) политички коректности не можеме сето ова да го разговараме и анализираме (вклучително, независно од нашата лична етничка припадност), тогаш криминалот ќе станува се поагресивен, институциите се повеќе ќе стануваат лакрдија, самозаштитата и правдата ќе се земаат во свои раце, а и меѓуетничките проблеми и недоверба ќе се зголемуваат, дури и во однос на обичниот криминал.

А, над сѐ, бројот на ангелите ќе ни го зголемуваат, а нивните крила немаат етнички презнак, за тоа барем сите може да се сложиме без некои подлабоки анализи и без лажни политички коректности.

Поврзани новости