Грозданка Пашлакова: Се изнаплакав додека ја правев тортата за британската амбасадорка

by fokus

Со љубов и со гордост ја правев тортата за добредојде за британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која денес ни беше во посета на Музејот на олдтајмери во Неготино. Ја правев и со солзи, бидејќи мојот сопруг Дионис не дочека да види каква чест му се укажува, да види дека неговиот сон за музејот станува стварност. Се изнаплакав, а потоа заедно со децата, кои се моја најголема поддршка, заминав на средбата со амбасадорката – вака за „Фокус” раскажува Грозданка Пашлакова, сопруга на колекционерот на олдтајмери и пензиониран професор по биологија, Дионис, кој почина во ноември минатата година, по битката со леукемијата.

Тој беше главен протагонист во документарецот „Со љубов” кој го режираше неговиот поранешен ученик Илија Цветковски, по сценарио на наградуваниот документарист Атанас Георгиев.

Документарецот пред три години го отвори фестивалот МакеДокс во скопски Куршумли ан, и предизвика голем интерес кај јавноста.Во него се зборува за Дионис, кој го посвети животот на олдтајмерите, а во 2015 година го отвори првиот музеј на олдтајмери во земјава.

-Најголема желба му беше музејот да заживее, да стане популарна туристичка атракција во регионот, да му носи посетители на градот. Не можам со зборови да ја опишам неговата пасија кон старите автомобили, љубовта со која ги реставрираше, се грижеше за нив… Жал ми е што не дочека да види како неговиот сон станува јаве, како за музејот се подалеку се слуша, но и како неговите синови ја продолжуваат мисијата.

Имаме повеќе замисли околу целиот проект, потребни ни се околу 50 илјади евра, за да конечно местото комплетно се среди и профункционира непречено. Се уште се работи, во план ни е да нудиме и разни сувенири на посетителите, ракија во шише со логото од филмот, колачи кои јас самата ги правам во форма на автомобили… Да ја споиме мојата љубов кон кулинарството и љубовта на Дионис кон олдтајмерите во едно… Полека сите заедно работиме на остварување на замислата на Дионис – појаснува Грозданка, која е позната во регионот по изработка на разни торти и колачи.

Вели дека откако амбасадорката си заминала, таа веднаш заминала на гробот на својот сопруг, со кого поминале 30 години во брак, а пред тоа околу пет години биле во врска. Имале голема љубов и разбирање, живееле во слога трудејќи се да ги изведат децата на вистинскиот пат.

-Во мислите му раскажувам што се случува, дека децата се борат да му го исполнат сонот, кој еве станува и наш сон, сите сакаме музејот комплетно да се среди, да остане како белег на Неготино со кој ќе се гордеат идните генерации. Дионис го вложи целиот свој живот, целото свое време во овој музеј. Земјиштето на кое се наоѓа е околу четири декари, има уште многу работа за да го добие конечниот изглед. Започнавме сами, со скромни средства, со сопствен труд. Од државата никогаш не сме добиле помош, иако средствата би ни биле добредојдени, бидејќи се работи за голем проект. Синовите работат со големо задоволство и посветеност, додека беше во болница тој им даде инструкции за своите планови.

Збирката на олдтајмери кои тој ги остави ќе расте, и децата планираат да ја збогатуваат со експонати – вели Грозданка.

Појаснува дека моментално нема човек кој е постојано во музејот, но на влезот се истакнати телефонски броеви, доколку дојде некој посетител, ќе му отворат да ги разгледа експонатите.

-Во иднина, откако комплетно ќе се среди целиот објект, постојано ќе има човек таму, вратите ќе бидат отворени цело време. Верувам дека со тек на време музејот ќе стане препознатлива дестинација и ќе биде доста посетен, не само од наши, туку и од гости од странство. Ние го продолжуваме сонот на Дионис – изјави Пашлакова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости