Централниот одбор на ГРОМ донел одлука за официјално раскинување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Како што информираат од оваа партија на вчерашната седница се одлучувало по неколку важни точки на дневен ред, кои се однесувале на дејствувањето и позиционирањето на ГРОМ на политичката сцена како и идните чекори на партијата и избор на раководни тела на партијата.
-Точка за одлучување од круцијално значење на Централниот Одбор беше напуштање на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, по исцрпната дебата, Централниот одбор донесе одлука за раскинување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од ГРОМ.
Меѓудругото на состанокот на ЦО бил донесен и заклучок дека ГРОМ ќе продолжи да дејствува опозициски и ќе се подготвува за самостоен настап на следните парламентарни избори.
Пред неколку дена градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски соопшти дека по 99 месеци ја прекинува коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека таа коалиција повеќе не може да опстои во оваа скопска Општина.
Тој додаде дека мора да „се спротивстави на обидите за рекет и обидите за закани врз стопанственици од Општината“, посочувајќи дека како градоначалник има обврска да ги штити интересите на граѓаните на општина Карпош.