Во нацрт-спогодбата Атина предлага сложено име, но во форма на еден слеан збор, за сите, пишуваат грчки медиуми, пренесува дописникот на МИА од Атина.
Според грчкиот весник „Неа селида“, грчката Влада предлага сложено име, непреведено за сите употреби (ерга омнес). На пример, земјата може да се вика „Горнамакедонија“, а не „Горна Македонија“, односно со два збора.
Во весникот се споменува и кратенката „МК“ која „Грција не ја прифаќа“. Според пишувањата новата кратенка би можела да биде „GO“ или „GM“ (од Горнамакедонија). „Неа селида“, во анализата, го споменува и идентитетот.
„Во однос на идентитетот на граѓаните на мултинационална земја, тие ќе можат да се самоидентификуваат како „граѓани на Горнамакедонија“, така што ниту една етничка група нема да се чувствува дека е „потчинета“ или ѝ се прекршени нејзините права, пишува „Неа селида“, објави МИА.
Според весникот, официјална Атина сака целосно решение на сите прашања, а меѓу нив иредентизмот, особено во учебниците.
„Неа селида“ коментира дека со отстранувањето на споменикот на Александар Велики од внатрешноста на скопскиот аеродром, се отвора патот за повторно авио-поврзување на двете земји.
„Првиот лет по 12 години ќе биде дипломатски и ќе го однесе Никоа Коѕијас во Скопје, веројатно во средината на март“, пишува весникот.