Грчкиот премиер Алексис Ципрас сака одржлив долг по преговорите со ЕУ

by Фокус

Новиот премиер на Грција, Алексис Ципрас, денеска изјави дека сака одржлив договор за враќање на кредитот, по средбите со кредиторите во Европската унија.

Ципрас изјави дека понудил реални предлози, по средбата со Европските кредитори. Претставниците од Европската унија резервирано ги пречекаа државниците од Грција, за да ја предупредат Грција да ги почитува своите обврски.

Премиерот Ципрас и неговиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, денеска вршеа дипломатска офанзива, за да ги осигураат претставниците од еврозоната за нивните планови.

Главната мерка со којашто Ципрас обезбеди многу гласови во Грција беше планот повторно да се преговараат условите во кои европските земји ја помогнаа Грција со 240 милијарди евра, а неговата партија Сириза, освои многу гласови, затоа што на граѓаните им се допаднаа   ветувањата дека ќе ја прекине програмата за штедење во државата.

Ципрас се сретна и со претседателот на Франција, Франсоа Оланд, со кого се сложија дека долгот на Грција мора да стане одржлив.

Францускиот претседател изјави дека Европа треба да се солидаризира со Грција и да бара алтерантиви за мерките за штедење. Како и да е, тој предупреди дека Грција мора да ги почитува одредбите на кои се обврзала во врска со долгот.

Во текот на денешниот ден, грчкиот премиер се сретна со лидерите на трите врвни европски институции во Брисел – претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, претседателот на Европскиот совет, Доналд Таск, и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. Додека во Франкфурт, министерот за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, одржа средба со претседателот на Европската централна банка, Марио Драги.

Поврзани новости