40 села од поречкиот крај без струја и затрупани во снег, апелираат за помош

by Фокус
Шести ден планинските села во поречкиот крај се целосно отсечени од светот. 40-тина села се под снежна покривка од половина до еден метар, а при тоа немаат ниту струја. Жителите преку „Фокус“ алармираат за помош и за итна интервенција на надлежните. Тие во реакцијата напишале дека храната од фирижидерите им е одмрзната и почнува да се расипува. Некои пак останале целосно без намирници и практично гладуваат. Старите лица немаат лекови, ниту пак имаат начин како да ги купат.
„Не функционираат телефоните, а со оглед на високиот снег екипите на ЕВН не можат да излезат на терен да го отстранат дефектот кој очигледно е поголем. Децата не можат да одат на училиште, со што наставата им е во прекин. Некои деца патуваат и по 15 километри за да стигнат во школо, но сега тоа е неможно. Апаелираме за помош од надлежните во Скопје, оти локалните власти залудно ги известуваме и им бараме помош. Станува збор за селата Битово, Растеш, Волче, Заград, Ботушје, Косово, Брес и уште 30-тина други помали села кои буквално немаат комуникација со светот. Нека помисли државата дека и во овој крај живеат луѓе, а не партиите само за избори да не посетуваат“- стои во реакцијата на револтираните жители.
Тие нагалсуваат дека полека им снемува и од сточната храна па стравуваат дека и стоката ќе почне да им изумира. „Фокус“ очекува дека во текот на денот ќе има некаква реакција од надлежните, особено од ЕВН која ќе мора да го отстрани дефектот за да можат овие луѓе да им се врати нормалниот живот.

Поврзани новости