Министерот за надворешни работи на Грција – Јоргос Герапетритис во разговор за ЕРТ рече дека грчката страна бара почитување на Договорот од Преспа. Тој вели дека обвинувањата од грчката опозиција се лажни и не одговараат на сложената ситуација.
„Како прво, нема апсолутно никакво молење од грчката страна. Грчката страна бара почитување на договорот. Добро знаете дека од моментот кога ќе се ратификува меѓународен договор во парламентите, тој добива сила над законите. Ниту една од двете држави не може еднострано да го ревидира овој договор. Значи, дури и кога не се согласува со она што е вклучено во Договорот, мора да го спроведе. Сакам особено да укажам на различниот институционален третман во двете држави“ вели тој.
Во врска со тоа што Грција се уште нема ратификувано ниту еден меморандум што е нивна обврска во согласност со Договорот со Грција, Герапетритис го повтори грчкиот став дека истите ќе бидат ратификувани кога ќе дојде вистинскиот момент.
„Ќе ги донесеме во Собрание, повеќепати сум кажал, кога ќе биде клучното политичко време, односно кога грчката страна ќе се увери дека има целосна усогласеност. Затоа што сите знаеме дека има точки кои соседната земја не ги испочитувала. И секако не се повикувам на името, туку на други прашања. Сега да ви кажам што се случува со името. Најпрво да ги погледнеме спецификите, институционалните. Името Република Северна Македонија стои во Договорот од Преспа и според истиот договор со член 20, прашањето за името не може да се менува под никакви околности. Па, тоа не е од оние работи што може да се менуваат дури и со меѓусебен договор. Значи, нема апсолутно никакво прашање за измена, бидејќи тоа беше договорено од двете страни и ратификувано и го обврзува актуелниот грчки политички поредок и политичкиот поредок на Северна Македонија“ вели шефот на грчката дипломатија.
Според него, „во овој момент не е само притисокот што го врши Грција, тоа е притисокот што се врши во Северна Македонија. Третото и најважно според мене е дека грчката страна реагираше подготвено и со исклучително брзи рефлекси. Со иницијативи на МНР веднаш беа информирани надлежните од маѓународната заедницата. Имаше итна реакција и од претседателот на Европската комисија, од претседателот на Европскиот совет и од претставникот на Европската унија, а во исто време има и меѓународен став. Со други зборови, многу земји дадоа соопштение во оваа насока. Значи, постои усогласена реакција“.