„Река“ останува на првичната позиција и не го менува својот став во однос на Договорот од Преспа, но конечната одлука ќе ја кажат во грчкиот Парламент откако ќе го видат финалниот текст, објасни лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис, по последните шпекулации и информации дека „Река“ се двоуми дали да го поддржи решението меѓу Македонија и Грција кога ќе дојде за ратификација во грчкиот Парламент.
– Кажувам дека „Река“ не го менува своето мислење. „Река“ верува дека мора да постои решение бидејќи доколку проблемот се продолжи, не гледаме што би добиле. Но, од друга страна, ние не сме лишени од правото да ги оценуваме изјавите кои го навредуваат грчкиот народ или нашите Македонци, рече Теодоракис и додаде дека тие излегуваат со ставови за работите онака како што течат, во исчекување на финалните текстови за да го изразат нивниот став во Парламентот.
Лидерот на партијата говореше на промоцијата на книгата на потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис, и објасни дека „Река“ уште од прв момент има јасна позиција, сака решение, бидејќи верува дека е во интерес на Грција и на новите генерации да се затвори долгогодишниот спор, јави дописничката на МИА од Атина.
– И во Парламентот реков дека овој договор што дојде, не е најдобар. Постојат точки, за кои „Река“ не се согласува уште од прв момент. Но, од друга страна, разгледуваме што добивме сите овие години. Па така, во март, Грците ќе мора да донесат голема одлука што нема да биде лесна. Ќе треба или да кажат „не“ за нешто што го поддржуваат сите наши сојузници или ќе треба да чекорат по тежок пат на еден договор за кој многу работи ќе се проценат во пракса, ќе се процени врз основа на расположението и на политичарите во земјата, но и на граѓаните, рече Теодоракис.