Јавното претпријатие за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми склучило нов милионски договор со градежната компанија АД „Гранит“, која, како што претходно пишувавме, доби вреден тендер и за комплетирање на автопатската делница кон Блаце, непосредно откако го продала хотелот на Попова Шапка на компанија, која подоцна се испостави дека го поседува опожареното возило што го користел вицепремиерот Артан Груби.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ЈП за државни патишта и „Гранит“ пред десетина дена склучиле договор за изградба на обиколница на Тетово преку клучка Требош до Непроштено (фаза 1) во вредност од 752 милиони денари или 12.2 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Станува збор за договор со времетраење од 39 месеци, кој „Гранит“ го добил во конкуренција на уште 3 компании – „Вато“ од Студеничани, „Ескаватори МК“ од Скопје и „АС Гроуп Сторе“ од Тетово. Притоа, евалуацијата ја минале 2 компании, а 2 биле дисквалификувани.
„Понудите се неприфатливи од следните причини: недоставена банкарска гаранција на понуда со вредност од 2% од вредноста на понудата, согласно точка 4.6.1. од тендерската документација врз основа на член 101 од ЗЈН, како и надминување на предвидената вредност со одлуката за јавна набавка, за која не е предвидена аукција“, ни одговорија од ЈПДП.
Од таму не откриваат кои се компаниите што биле елиминирани, а која компанија заедно со победничката „Гранит“ ја минала евалуацијата. Меѓутоа, посочуваат дека критериум за избор во постапката била најниска цена, додека не била предвидена аукција, која, како што појаснуваат, со тековниот Законот за јавни набавки е опционална, односно незадолжителна.
И во тендерската документација се наведува дека овој договор за јавна набавка ќе се додели со примена на отворена постапка, која важи за најтранспарентна и обезбедува конкуренција, меѓутоа во старт била исклучена електронската аукција.
Оттука, „Гранит“ излегол најповолен понудувач, бидејќи доставил најниска првична понуда, меѓутоа со фактот што изостанала електронска аукција било оневозможено наддавање меѓу оваа и втората компанија што ја минала фазата на евалуација, на која потенцијално би можела да се намали цената на чинење.
Инаку, „Фокус“ во серијал текстови пишуваше за соработката меѓу ЈПДП и „Гранит“ за автопатската делница кон Блаце, во врска со која обезбедивме документација што открива како се спровеле двете тендерски постапки, зошто првиот договор се покажал недоволен и имало потреба за нов, какви проблеми на терен се јавиле…?
Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Иако првично беше предвидено да чини 14 милиони евра, како што објавивме, автопатската делница кон Блаце во должина од 2 километри ќе чини најмалку 28 милиони евра, и тоа ако до моментално важечкиот рок во 2026 година не се склучуваат нови анекси поради проблеми при реализација на проектот.
(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Во рамки на првата тендерска постапка, ЈПДП и „Гранит“ склучиле договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце на самиот почеток на 2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра. Во постапката учествувале уште две компании покрај „Гранит“ – домашната „АД „Бетон“ и бугарската „ИСА 2000 ЛТД“.
На почеток, најниска понуда доставила бугарската „ИСА 2000“, која изнесувала 748.239.717 денари, што било за 1.760.229 денари пониско од првичната понудата на „Гранит“, која изнесувала 749.999.946 денари.
Но, на електронската аукција понудата на „ИСА“ останала иста, а „Гранит“ одлучил да ја спушти на 747.239.717 денари, што претставува намалување за 2.760.229 денари во однос на нивната првична понуда. На крајот, „Гранит“ ја добил зделката со понуда за 1.000.000 денари пониска од второрангираната на бугарската компанија.
Од една страна, „Гранит“ ја намалил својата првична понуда за нецели 3 милиони денари, со цел да има пониска понуда од главниот конкурент за еден милион денари и на тој начин да го добие договорот.
Од друга страна, пак, „Гранит“ на крајот добил 3 милиони евра плус преку 5 анекси на основниот договор, со цел пролонгирање на времетраењето на договорот, како и внесување позиции што не биле опфатени со предмер-пресметката, заради „квалитетно завршување на работите“.
Со оглед дека Законот за јавни набавки забранува вкупната вредност на измените на еден договор за јавна набавка да надмине 20 отсто од вредноста на основниот договор, а во случајов со петте анекси се зголемил основниот договор за трасата кон Блаце за околу 18 отсто, ЈП за државни патишта одлучува кон крајот на минатата 2022 година да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата.
Во рамки на оваа постапка, претпријатието на почетокот на годинава повторно склучил нов договор со „Гранит“ во вредност на дополнителни 11 и пол милиони евра. За разлика од првата тендерската постапка, во втората немало конкуренција, па бил склучен нов договор со „Гранит“ како единствен понудувач.
Но, нашето истражување откри дека вториот тендер за комплетирање на двокилометарската автопатската траса „Гранит“ го добил непосредно откако го продал опожарениот хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма за осветлување со еден вработен.
Истражување на „Фокус“: Пред да добие нов милионски тендер за автопатот кон Блаце, „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување!
Поточно, обелоденивме дека во време кога се најавува модернизација на Попова Шапка од страна на странски концесионер, „Гранит“ го продал опожарениот хотел на фирмата во сопственост на македонски и турски државјанин, која е основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“, своевремено ангажиран во Царинската управа.
(АРХИВА) „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување, па добил нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!
Хронолошки, ЈП за државни патишта и „Гранит“ на 16.01.2020 година го склучија првиот договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце, додека двете страни на 24.01.2023 склучија нов договор за докомплетирање на трасата. Притоа, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година.
Тоа е само неколку дена откако на 17.10.2022 година во катастарот е запишана промена на сопственоста на хотелот „Гранит“ на Попова Шапка, кој беше опожарен во 2013 година. Според катастарската евиденција, се работи за земјиште од 150 квадратни метри, со објект со внатрешна површина од 278 квадрати, лоциран на катастарска парцела 1/37, во рамки на катастарска општина Лисец-вон град, Тетово.
Уверението за историски преглед на извршените запишувања што го обезбедивме покажува дека оваа парцела се формира во 1999 година, кога впрочем со решение и се доделува на „Гранит“. Во 2013 година, пак, градежната компанија успева да го легализира со елаборат, врз основа на Законот за легализација на бесправно изградени објекти.
Нема промени во сопственоста се до минатата 2022 година, кога имотот преминал во сопственост на компанија „Еуро Ком Лигхтинг“. Во историјатот нема податоци кога точно е склучен договорот и на која сума, но „Фокус“ успеа да го обезбеди овој договорот, кој е склучен на 15.08.2022 година, а потоа солемизиран на 14.10.2022 година, што се случува пред да биде склучен договорот за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта.
Всушност, договорот открива дека овој имот за 55 илјади евра го купила „Еуро Ком Лигхтинг“, чија главна дејност е електро расвета. Но, како што велат од таму, компанијата се занимава и со трговија со разновидна стока, консалтинг во делот на микроменаџирање, логистички услуги и посредување при остварување на деловни односи.
Тогаш, компанијата беше во сопственост на еден македонски и еден турски државјанин – Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк. Сепак, првично била основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“ Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на функционери на власта следи фудбалски натпревари, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа.
Финансиските извештаи на „Еуро Ком Лигхтинг“ покажуваат дека неколку години работи со загуба, која во 2019 година изнесува 411.923, а во 2020 година изнесува 884.340 денари. Овој тренд продолжил и во 2021 година, кога приходите на друштвото изнесувале 106.254.289 денари, а расходите биле 106.712.851 денари, што значи загубата била 358.562 денари. Од 5 вработените во минатите години, компанијата падналата на еден вработен во 2021.
Арно ама, во меѓувреме дошло до промени. Официјалните податоци покажуваат дека има драстично зголемување на обртот на средства минатата 2022 година, кога приходите скокнале на 259 милиони денари, што претставува раст од околу 150 отсто во однос на 2021. За разлика од претходните години, лани била остварена и добивка 3 милиони денари. Она што останува исто, тоа е бројот на вработени – 1.
Во меѓувреме, дошло до промена и во сопственичката структура, така што турскиот државјанин Озтурк излегол, па единствен сопственик моментално е Лимани, кој, како што прв обелодени „Фокус“, се поврзува со опожареното „ауди“, што после инцидентот се испостави дека го управувал првиот вицепремиер и министер за политички систем Груби, кој воедно му е шеф на кабинет на лидерот на ДУИ – Али Ахмети.
Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?
Сознанијата до кои дојдовме и што ги споделивме со јавноста говорат дека всушност компанијата „Еуроком Лигхтинг“ се води како сопственик на „аудито“ тип А6, 3.0 ТДИ, кое е произведено во Германија во 2021 година, а регистрирано е во земјава пред нецела година. Останува нејасно зошто како сопственик на возилото е заведено физичко лице, кој пријавил дека го паркирал на лице место.
Како вицепремиерот Груби управувал „ауди“ А6 старо 2 години, во сопственост на приватна фирма?
По веста за опожареното возило во скопската населба Чаир, со реакција се јави Груби, кој се бранеше дека позајмил возило од близок пријател, кој со години бил успешен во бизнисот. И неговиот лидер Ахмети во една прилика застана зад Груби, истакнувајќи дека и нему му се случувало да позајми возило.