Граѓните за Македонија: Се штеди на инсулин, на здравјето на човекот, а се има пари за споменици и Мерцедес

by Фокус

Лечењето на дијабетот не е нималку евтино, и потребни се пари, а самата болест го оттргнува заболениот од процесот на производство, ова не смее да се случува и мора да се промени.

Ова е еден од исказите на двајцата учесници на вчерашната дискусија во Кампот на слободата пред владата, насловена „Штедиме на инсулин, а се расфрламе на раскош“, на која говореа Јагода Шахпаска, лекарка, пратеничка на СДСМ во бојкот, и Цвете Серафимовски, претседател на Асоцијација за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК.

Шахпаска образложи дека на дискусијата бил поканет и Тони Митев – претседател на Здружение на граѓани со дијабетес на општините Радовиш и Конче меѓутоа бил стопиран, вели таа, од полицијата.

На самиот почеток на дискусијата, лекарката Јагода Шахпаска посочи дека здравството е област во која актуелната власт и особено министерот Тодоров се фали на реформите, дека пациентот е во центарот на здравството. Сепак, вели таа, тоа се само декларативни заложби, а праксата покажува нешто сосема друго.

– Република Македонија како потписник на светските политики и препораки, мора да ги почитува стандардите. Минатата година последниот квартал, се јави недостиг на инсулин затоа што беше задоцнет тендерот. Наместо кон крајот на август, тендерот беше распишан во ноември и имавме два месеца вакуум во кој влеговме во инсулинска криза – напомена Шахпаска.

Таа рече дека на ниво на државата има околу 119.000 дијабетичари од кои на инсулинска терапија се 36.230 пациенти на кои мора да им се олесни пристапот до инсулин, односно програмите кои ги предвидува Министерствтото за здравство да бидат во полза на пациентот.

– Дијабетот е проблем придружуван и со други болни состојби, коморбидитети, и лекувањето е есенцијално. Лекувањето е долгорочен и макотрпен процес до крај на животот. Лекувањето на дијабетот е многу скап и за големите економии а не само за Македонија. Во едно инсулинско пенкало има 300 интернационални единици инсулин. Минатогодишната програма за менаџирање на дијабетот, на пациентот му ги броеше 270 единици. За идната година, програмата предвидува 291 единица инсулин, и не се предвидува вишок на ниту една единица инсулин. Ние не работиме со машини, не работиме со мртва материја. Секогаш треба да се има предвидено една резерва. Една обична настинка, температура ја зголемува потребата од инсулин, порача таа.

Зборувајќи за апсурдите во здравството, лекарката Шахпаска вели доколку не ги почитуваат насоките, лекарите ќе бидат финансиски санкционирани од менаџерот во нивната јавна институција. А доколку менаџерот на таа институција заштеди до 5% од материјалот наменет за пациентите кои се лекуваат со инсулин, ќе биде награден од министерот за здравство за успешно менаџирање, на грбот на граѓаните.

Таа смета дека декларативно, во центарот на македонското здравство е пациентот, а во пракса државата гледа да заштеди што повеќе при инсулинот.

Цвете Серафимовски, претседател на Асоцијација за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК, вели  27 години живее со дијабетес, почнал со свинскиот инсулин, првата генерација на инсулин, и зборуваше од лично искуство.

– Кај нас што е проблемот? Затоа што секој нов пронајдок и поквалитетен производ е поскап, советниците на Тодоров сметаа дека најголемиот дел од популацијата со дијабетес треба да биде на најквалитетните инсулини, што е правилно. Меѓутоа поради тоа Македонија имала многу голем трошок на инсулин и затоа решиле да штедат на здравјето, напомена Серафимовски.

Меѓутоа она што нему му пречи е што денес штедат на лицата со инсулин, утре може да решат да штедат на некои други лица со друга болест.

– За жал видовме што се случи со малата Тамара која поради таквите штедења почина. Жал ми е што морам да го кажам ова но морам да направам паралела. Со цел да се заштедат пари во буџетот ние штедиме на инсулин. А од друга страна имаме пари за споменици, на Мерцедес од 500.000 евра, меѓутоа кога наидуваме на болест, тука штедиме, образложи тој.

Според него, во ред е што државата сака да штеди, меѓутоа не може да штеди на овој начин со директно намалување на испорака на инсулин во инсулинските аптеки.

– Штедиме на се, ама важно нашиот премиер се вози во, како што вели Јанкуловска, „во авион“, забележа тој.

Панелистите ги повикаа докторите заедно со здруженијата за дијабетес, да го кренат гласот и да не дозволат да се менаџира дијабетот на начинот како што предлага Министерството, за да се штеди, бидејќи следствено со инсулинот се појавуваат и други комплкации кај телото на човекот. На пример штетен вид, оштетени бубрези, и државата не им помага на тие лица доколку немаат пари да го платат лекувањето, а со тоа, сметаат панелистите, нашево здравство се претвори во организација која треба да обезбеди само приход.

Вчерашната дискусија во однос на паралелата помеѓу инсулинот и раскошното трошење на државата беше во рамки на 51.ден откако е поставен Кампот на слободата.

Секој ден се организираат дискусии и обраќања во кои се зема одреден сегмент од општеството и се анализираат состојбите за негово подобрување во иднина.

 

 

Поврзани новости