Надградена верзија на предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи за следните 6, 9 и 12 месеци, денеска беше презентирана на прес-конференција во име на 73 граѓански организации и експерти.
Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.
„Овој план има цел да даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики и за враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Промената на власта сама по себе беше чекор напред поради тоа што со одржувањето на веродостојни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но тие не се гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава“, се вели во образложението.
Граѓанските организации предлагаат формирање консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и на граѓанското општество.
„Од клучна важност е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на проценка на сегашната ситуација, како и во надзорот и во евалуацијата на напредокот во спроведувањето на клучните реформски приоритети“, велат иницијаторите.
Тие посочија и дека е неопходно да се преземат мерки за подобрување на социјалната кохезија на граѓаните и на сите етнички заедници. Во оваа насока, според иницијаторите, потребно е да се разгледаат препораките од прегледот на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија од 2015 година.