Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата повикува на промена на актуелниот модел за избор на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кој ќе се базира на компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието.
„Бараме претставници на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК. Исто така бараме како приоритет да се поведе постапка за преиспитување на моделот на институција за борба против корупцијата, и формирање на институција која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето. Укажуваме дека за Платформата е неприфатливо членовите на ДКСК да бидат предмет на меѓупартиски преговори, со што би продолжила досегашната практика на лојалност кон политиката на власт, наместо нејзина активна контрола и почитување на законите“, соопштуваат од Платформата.
Од таму додаваат дека голема одговорност носат последните состави на членови на ДКСК во врска со констатираната неактивност, нетранспаретност и селективност при извршување на својата функција, што, сметаат од Платформата, се должи на нивната некомпетентност и недостаток на личен и професионален интегритет.
„Граѓаните немаат доверба во ДКСК, поради што е неопходно да се воспостави ефикасен систем за граѓанска контрола над работата на ова тело. Во изминатите десет години ДКСК наместо да се занимава со корупцијата на високо ниво, помеѓу носителите на политички функции, своите активности ги насочуваше кон одредени случаи на „ниска“ корупција на администрација. Наместо да ги испитува центрите на моќ кои ја заробија државата, ДКСК кон крајот на 2016 г. поттикната од лидерот на политичката партија на власт, побара од Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање врз 21 здружение и фондација да вршат долготрајни детални контроли на финансиско-материјалното работење. Оваа активност претставена како контрола на наводно незаконско работење всушност претставуваше притисок над оние кои ја остваруваат својата улога на коректив на власта. Наодите за неосновано трошење на буџетски средства во ДКСК откриени при ревизијата од страна на УЈП, на површина исфрлија само дел од негативните состојби, кои веќе подолго време се присутни во ова тело. Поради тоа сметаме дека поднесените оставки не смеат да бидат „доволни“ и бараме истрага и утврдување на постоење на основи за одговорност за незаконито работење, корупција, тргување со влијание и злоупотреба на службената должност“, посочуваат од таму.
Платформата го упатува ова барање до Собранието, како надлежен орган за избор на членовите на ДКСК, до Владата и до политичките партии.