Граѓански марш со кој ќе им се даде поддршка на бегалците кои ја минуваат западно-балканската рута, ќе се одржи утре во 13 часот пред зградата на Владата.Настанот е поддржан од сите граѓанските организации, левичарски движења, волонтери, хуманитарни организации и активисти од Република Македонија кои се приклучија кон основањето на транснационално движење #STATEOFSOLIDARITY.
Во вечерните часови ќе има јавна дискусија и прикажување на краток документарец направен од страна на луѓето кои минале, минуваат низ Република Македонија или веќе пристигнале до посакуваната дестинација во некоја од европските држави. Мирниот марш за реафирмирање на европските вредности на сите народи во Европа наречен „Мир, демократијата, социјална правда и достоинство за сите“ започнува пред Влада на Република Македонија. Потоа ќе продолжи до седиштето на Делегација на Европска Комисија во Скопје, каде ќе има низа јавни обраќања, предавање на барања и препораки до канцеларијата на Делегацијата на ЕУ.
Програмата потоа продолжува во ГЕМ клуб „Менада“ во Стара чаршија каде со почеток во 18 часот ќе има јавна дискусија на тема: Темната страна на Балканската рута: Има ли правна заштита за луѓето кои минуваат низ територијата на Република Македонија, а се или биле жртви на дела од омраза и криумчарење?