Граѓаните во Софија бараат неутралност на Бугарија од конфликтот во Украина

by Fokus

Стотици граѓани денеска протестираа на плоштадот „Атанас Буров“ во Софија барајќи целосна неутралност на Бугарија од воениот конфликт во Украина.

Граѓаните собрани пред претседателската палата се молеа за мир носејќи транспаренти на кои пишуваше: „Бугарска мировна зона“, „Не пукаме во нашите браќа“, „Повторно источен фронт – но без нас“, „Нема бугарски момчиња во кланица“, јави агенцијата БТА.

Бугарскиот нуклеарен физичар Христо Лавчиев и порача на бугарската влада да не си игра со војна, бидејќи како што рече „кој игра војна меѓу НАТО и Русија, си игра со Трета светска војна“.

Граѓаните учесници на протестот скандираа против НАТО, а околу фонтаната пред претседателската палата на три места беа собрани потписи за зачувување на бугарската национална валута лев.

„Дојдовме да бараме мир, бидејќи мирот е најдобар“, рече еден од учесниците на протестот.

Организатори на денешниот протест се граѓанските здруженија „Бугарски национален совет за мир“ и „Слободна и мирна Бугарија“, јавува Танјуг.

 

Поврзани новости