Имаме уште работа!

by Фокус

Маршираме. Се бориме. Креваме глас. Се бориме за квоти. Ама кога една жена ќе нападне друга, тогаш тоа е она што најмногу боли. Кога една жена за друга ќе употреби погрден збор, тоа е најголемиот пораз за жените.

Бисера КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

Неодамна имав можност да учествувам на трибина организирана од МТСП на тема: Жени во политиката – „Говор на омраза сенка која обесхрабрува или мотив за истрајност“.

Морам да кажам дека ме радува и ме растажува кога треба да зборувам на вакви трибини. Местото на жената е на истата маса. Да. Местото на жената е да е рамноправна со мажот во секоја сфера во општественото живеење.

Но за жал, жена која е или се бори да е на исто рамниште со мажот во болница, на факултет, во политика, во бизнис компанија, на пазар, не добива позитивна квалификација „од прва“.

Родово обоиви зборови се лесно изговорливи, и можеби затоа не очекувам многумина да разберат дека секој човек има подеднакво право на избор. Родовото обојување на зборовите-кога ќе кажете дека некоја е жена-политичар, пред било што да кажете за неа како професионалец, за нејзините ставови, одлуки…вие веќе многу сте кажале.

ЖЕНА НА ЖЕНА Е ЅВЕР

За жал, жените и на глобално ниво, во загрижувачки процент, се третираат како предмет. Вербалното, менталното и физичкото насилство за многу жени се секојдневен „оброк“ кој и во овој момент им го „сервираат“.

Се прашувам дали би купиле книга со наслов „Како да ја уништиш сопругата, а да не те фатат“?

Дали би слушале песна за тоа како некој силувал девојка? Додуша слушнавме и видовме и такво интервју.
Дали би купиле слика, портрет на жена осакатена од ќотек?

Ако одговорот макар и на едно од овие прашања е ДА, тогаш решението не е во нашите дебати туку во нашето решително и гласно НЕ. Да не ја „филуваме“ реалноста и да не ги затвораме очите и ушите пред бруталноста.

Можеме да мудруваме колку сакаме ама уште сме многу долу на скалата на толеранција, еднаквост а уште поболно е дека свеста за солидарност е нула. Многу голема нула.

И не солидарност од маж кон жена. Не. Таа од жена на жена. Можеби мора да констатирам дека жена на жена е – ѕвер!

Сакам да можев ова да го употребам во позитивна конотација ама не. Маршираме. Се бориме. Креваме глас. Се бориме за квоти. Ама кога една жена ќе нападне друга, тогаш тоа е она што најмногу боли. Кога една жена за друга ќе употреби погрден збор, тоа е најголемиот пораз за жените.

ЗАЕДНИЧКИ СПРИНТ ДО ЦЕЛТА

И се ова е она за кое треба да се бориме поревносно отколку да добиеме еднаквост со мажите. Треба да се бориме една со друга да се поддржиме, и да не дозволиме жените да си го урнеме мостот една на друга.

Тоа за жал, драги мои, е еден од националните спортови на жените. А треба да е заедничка спринт трка до целта и да продолжеме да трчаме за да останеме во исто темпо.

Можеме да дебатираме, да одиме на трибини, маршови, да кажуваме колку треба да сме еднакви со мажите, да кажуваме колку сме им потребни, ама се додека не го гризнеме јазикот кога ги употребуваме погрдните зборови една кон друга или кога една на друга си го кажуваме она што мажите ни го кажуваат, за жал, нема да мрднеме од место.

„Луксуз е да се спротивставите на вулгарноста“ рекла Коко Шанел, ама ајде да ја чуваме таа енергија за вистинските предизвици, а не една кон друга! Затоа девојки, жени, мајки, женски роде мој, имаме уште многу работа!

(Авторката е потпретседателка на СДСМ)

Поврзани новости