пишува: Ирена МУЛАЧКА
Повеќе од два милиони граѓани треба од свој џеб да платат нови 250 денари за обновување на електронските здравствени картички од 2011 година, со што буџетот ќе се наполни за нови 8 милиони евра на нивна сметка, иако претходно истите тие картички од владата на ВМРО-ДПМНЕ беа најавени за бесплатни, а и веќе еднаш се платени.
На секоја електронска здравствена картичка пишува дека трае пет години, а веднаш по истекувањето на тие пет години треба да се обнови и граѓаните на своја сметка треба да платат уште 250 денари за таа намена.
„Фокус“ дојде до мејлот испратен од Фондот за здравство до сите матични лекари од кои се бара да ги известат своите пациенти дека треба да ги обноват електронските здравствени картички од 2011 година и за нив повторно да платат по 250 денари.
– Од страна на ФЗОМ добивме известување дека сите оние кои имаат ЕЗК од јуни и јули, 2011 година ќе мора да ги однесат картиците во ФЗОМ и да се земат нови. Но, претходно мора да се уплатат по 250 денари на подоле наведената сметка – пишува во мејлот испратен до матичните лекари.
Во истиот меил се наведува и сметката на Фондот за здравство, банката на примач и сметка на буџетски корисник каде осигуренците ќе треба да ги уплатат парите пред да ги подигнат електронските картички.
– Сега граѓаните треба повторно да платат по 250 денари за електронски здравствени картички, иако веќе еднаш ги платиле. Би било добро овие картички да се наплаќаат единствено ако се изгубат, а не вака. Добро би било да се надоградуваат картичките и да се развие електронското здравство, а не само да се плаќа. Сметам дека нештата треба да се движат напред, а не да се враќаат назад – истакна доктор Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари.
„Фокус“ на маил испрати неколку прашања и до Фондот за здравство за да ни објаснат зошто за електронските здравствени картички треба повторно да се плаќа и кој ја донел таквата одлука. Досега, од таму не добивме повратен одговор.
Околу електронските здравствени картички скоро девет години постојат различни проблеми. Само една година по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во 2007 година, додека со министерството за здравство раководеше Бујар Османи требаше да бидат изработени 2,3 милиони картички за што требаше да бидат потрошени 7,5 милиони евра пари обезбедени од буџетот на Македонија, со тоа што секоја картичка требаше да чини 170 денари. Но, сето тоа се измени кога на министерското столче седна Никола Тодоров. Тој донесе одлука, ЕЗК да се плаќаат по 250 денари и тоа наместо бесплатни, да бидат на сметка на осигурениците.