Граѓаните не го почуствуваа поевтинувањето: Владата им даде време на трговците да се прилагодат на мерката, смета Узунов

by Fokus

Денеска завршува мерката за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи што беа опфатени со есенската потрошувачка кошница, но граѓаните не го почувствуваа поевтинувањето на производите воопшто.

Одлуката ја донесе Владата во втората половина на септември, а со неа беа опфатени 73 основни прехранбени производи на кои бруто профитната маржа им беше ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало.

– Ефекти не се постигнаа, но ефекти немаше ниту да се постигнат бидејќи владата направи кардинална грешка, која не мислам дека ја направи случајно. Таа прво кажа што ќе прави, им даде време на трговците да се прилагодат и потоа на мерката реагираа на веќе покачени цени. Знаат сите да играат по малку фудбал, ако ти некому кажеш „таму ќе ја подадам топката“, одбранбениот играч што ќе рече: „ајде јас ќе се тргнам, вие дајте гол“. Ако сакаше нешто да направи, требаше поинаку да ја спроведе мерката, но мислам дека не сакаат.

Втора работа што е важна со контрола на маржите, а се докажа и во претходната влада, не можеш да го контролираш растот на цените бидејќи не можеше да го контролираш процесот. Премногу маркети, премалку инспектори, башка што не ја работат работата сите како што треба.

Тоа не е решение, зашто владата го правеше, затоа што сака да глуми дека нешто прави. И сега кој поверува поверува, не знам дали многумина поверуваа од граѓаните, коментира во интервју за „Фокус“, универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

По министерот за економија, и премиерот Христијан Мицкоски завчера најави дека ќе ги искористат сите алатки што им стојат на располагање со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

– Очекувам заедно со коморите, трговците и со производителите да не дојде до дивеење.

Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање, изјави Мицкоски пред учеството на Првата годишна конференција на Блумберг Адрија во Скопје.

Министерот за економија Бесар Дурмиши во изјава за медиумите дадена на 25 октомври оцени дека мерката дала резултати затоа што цените на одредени производи се намалиле од пет до десет проценти.

Тој верува дека трговците нема да ги зголемат цените затоа што од крајот на септември во сила е и Законот за нефер трговски практики со кој над 2,500 производи имаат ограничена маржа од 10 проценти.

Од Сојузот на синдикати на Македонија каде ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошница со показатели колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство велат дека мерката на Владата не ги дала посакуваните резултати затоа што трговците ја изиграле.

– Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот месец септември, а во истата во делот на храна и пијалоци во месец октомври 2024 година која изнесува 22,069,00 денари споредено со месец септември 2024 година ( 23,034,00 денари) е намалана за 965,00 денари, истакнаа од ССМ при објавата на синдикалната кошница за октомври.

Податоците на ССМ покажуваат дека на едно четиричлено семејство во октомври му биле потребни минимум 61,249,00 денари за подмирување на основните потреби.

Овој износ се зголемува доколку семејствата плаќаат и кирија за стан. Најголем дел од месечните потреби или 22,069,00 денари биле потребни само за храна и пијалоци.

Орце Костов

Поврзани новости