Министерството за здравство на Косово вечерва ги објави новите мерки против Kовид-19, според кои граѓаните постари од 16 години од среда ќе можат да излегуваат единствено за набавки на прехранбени и фармацевтски производи во период од час и половина во текот на денот.
Косовскиот министерот за здравство, Арбен Витиа, на вечерашната вонредна прес конференција пред Владата соопшти дека мерките ќе важат до 5 мај, појаснувајќи дека периодот во кој граѓаните ќе можат да го користат своето време за набавки, од 7 до 22.30 часот, се определува според претпоследната бројка од нивниот матичен број во личната карта.
За деца под 16-годишна возраст исто така ќе биде дозволено излегување по час и половина дневно, но единствено во придружба на член од тесното семејство. Во возилата во движење, пак, возачите ќе можат да превезуваат најмногу по уште едно лице.