Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска во архивата на Инспекцискиот совет поднесе претставка за вонреден инспекциски надзор против градење на висококатниците на паркингот спроти „Холидеј Ин“.
Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ изјави дека претставката се темели на стручните аргументи кои беа во елаборатите за суспензија изработени од стручните служби на Општина Центар. Изработена е од нивниот стручен тим од урбанисти, експрети и правници, врз основа на законските прекршувања кои произлегуваа од тие стручни аргументи.
-Претставката против монструозните градби кај Холидеј Ин, ја поднесуваат многу граѓани. Нашиот стручен тим на „Зелен хуман град“ изработи претставка и ја објавивме и во медиумите и на нашите социјални медиуми за комуникација, изјави Велковска по поднесувањето на претставката.
Таа појасни дека е прекршен членот 35, став 5 од Законот за урбанистичко планирање, со тоа што, како што додава, се дозволува да се применува детален урбанистички план, кој е спротивен на генералниот урбанистички план.
-Не смееме да дозволиме урбаната мафија да го уништи Скопје, да ни го уништи квалитетот на живот бидејќи нивниот профит не е поважен од нашите животи. Од таа причина ги повикуваме сите скопјани, сите жители на овој град да се приклучат на оваа акција, да не дозволат мафијата да си го истера своето, додава Велковска.
Таа додава дека претставката во Инспекцискиот совет ја поднесуваат во физичка копија, додека електронски ќе ја поднесат до сите три институции, а најави и иницијатива до Уставниот суд.
-Она што не успеаа да го испорачаат градоначалникот на Општина Центар, што не успеа да го испорача Министерството за транспорт и врски, наводните експерти во Комисијата при Министерството, граѓаните ќе го испорачаат сега, што покажува дека тие луѓе кои се на функција не работат во наш интерес, работат по нечии туѓи интереси и тоа мора да се спречи, истакна Велковска.
Еко-активистот Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ денеска по поднесувањето на претставката посочи дека наместо да се издигнат овие кули, може да се изнајдат и други решенија за да се реши проблемот на луѓето кои живеат близу паркингот.
-Знаеме дека на таа парцела блиску до паркингот кај „Холидеј Ин“ има луѓе кои живеат во супстандардни услови. Има места каде што едноставно не е целосно решена инфраструктурата, и ја разбираме и нивната фрустрација која што тие сакаат да ја решат на тој предел. Но, понудата од Општината каде што се вели дека единственото решение е да се издигнат овие кули за да се реши проблемот на тие граѓани воопшто не го прифаќаме, истакна Јовановски.