Граѓаните ја тужат државата за загадениот воздух, кој „убива“ 4 илјади луѓе годишно!

by Fokus

За прв пат во државата, но и регионот, неколкумина граѓани и адвокати, водат судска битка против загадувањето на воздухот. Засега ја изгубија битката пред Управниот суд, но се надеваат дека ќе ја добијат војната пред Врховниот суд.

Поточно, засега, поднесени се 11 предмети пред Управниот суд. Според информациите на „Фокус“ засега три се завршени со одбивателни пресуди, по што предметите неодамна стигнале на следната адреса, а тоа во случајот е Врховниот суд.

Првата тужба во Управниот суд била поднесена во март 2020 година од засегната скопјанка, и тоа против државата, претседателот на Владата, министерот за животна средина и директорот на Државниот инспекторат за животна средина. Формално, се однесува на заштита поради незаконско дејствие кое се состои од непревземање на дејствија за исполнување на законски предвидената обврска за обезбедување на услови за остварување на правото на здрава животна средина.

Имено, жителка на Карпош, навела дека и било попречено и оневозможено правото на здрава животна средина, во реонот во кој живее, а од друга страна немала можност да се обрати до било кој надлежен орган со цел да го оствари своето право. За да го поткрепи своето тврдење, скопјанката се повикува на податоците од мерната станица поставена во општината, истакнувајќи дека загадувањето трае уште од 2012 година и сѐ уште продолжува. Таа, освен на Уставот, се повикува на неколку законски решенија, според кои се уредува должноста на надлежните да ја спречат ваквата состојба.

„Во Законот за квалитет на амбиентен воздух се предвидува должност на надлежните органи да ги превземат сите неопходни мерки со цел да не дојде до надминување на граничните и целните вредности за загадувачките супстанции во воздухот“, наведува засегнатата скопјанка.

Во име на државните институции „одбраната“ за обвинувањата ја дава Државното правобранителство. Оттаму и го оспаруваат правото на скопјанката да поведува управен спор, бидејќи, според нив, не постоел конечен управен акт со кои и биле повредени слободите и правата загарантирани со Уставот, ниту пак посочените државни институции превзеле некое дејствие со кое и ги повредиле правата. Затоа предлагаат тужбата да се отфрли како неоснована.

Управниот суд на крајот решава предлогот да го одбие како неоснован.

„Во конкретниот случај на предлагачот не му се спречува или ограничува непосредна слобода или право, затоа што превземањето на дејствијата од страна на тужените органи во насока на превенција и заштита од загадување не значи дека се дејствија кои ќе бидат преземени исклучиво за предлагачот“, образложиле од судот.

Па така судот, во појаснувањето на својата одлука, вели дека во конкретниот случај не се работи за непосреден, туку за посреден интерес на тужителот. Или, со други зборови, тоа што надлежните институции превземаат или не превземаат мерки за загадувањето влијае врз целокупното население, а не само на тужителот.

Од 11 вакви предмети, Управниот суд досега има одлучено по три, кои веќе се стигнати во Врховниот суд. Она што е значајно е дека тужителите не бараат парично обештетување, туку највисокиот суд во државата да константира дека државните институции им го повредиле правото на здрава животна средина. Токму затоа во следниот период вниманието ќе биде насочено кон Врховниот суд, кој за прв пат ќе одлучува за ваков случај.

Валентина Вурмо

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости