Иако на 16 јули британскиот рок бенд „Пласибо“ требаше да одржи концерт во Скопје, такво нешто не се случи затоа што настанот беше откажан, откако дел од екипата била заразена со корона вирус.
Уште тогаш, од „Авалон“ информираа дека се работи на закажување на нов датум за концертот на „Пласибо“ во Скопје и исто така ги известија фановите дека од 17 јули, понеделник, ќе започне да се врши рефундацијата на средствата на оние лица кои не сакаат да го чекаат новиот датум.
Три месеци подоцна, дел од јавноста бурно реагира, затоа што како што велат, се уште не им биле вратени парите од купените билети за откажаниот концерт.
„Барем да дадете рок, да знаеме до кога треба да чекаме. Вака е крајно непрофесионално и нетолерантно што веќе долго време не држите во неизвесност. Непрофесионално од ваша страна“
„Телефонот не е во функција, а никој подолго време не враќа на нашите прашања на вашиот мејл“, се дел од коментарите на луѓето.
„Фокус“ побара став од „Авалон продукција“ од каде дадоа свое објаснување, потенцирајќи дека секогаш на луѓето им биле враќани парите при вакви ситуации.
„Некогаш се случува проблеми со банкарскиот систем, па луѓето не провериле или не знаат дека всушност ги добиле парите назад по откажаниот концерт на „Пласибо“. Треба тие лично да си побараат рефундација на средствата од кај нас, затоа што можеби очекуваат дека тоа ќе се случи автоматски. Секогаш сме биле фер и сме ги вратиле парите од продадени билети за музички настани на луѓето во вакви ситуации“, ни истакнаа од „Авалон продукција“
„Пласибо“ првично требаше да настапат во Скопје на 25 јуни во 2020 година, но концертот беше откажан поради пандемијата на Ковид-19 која тогаш беше во полн ек.
Фото – Ferdinando Iannone
Јорданчо Цветаноски