Не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи по сообраќајката на Диме Спасов, дополнителниот заменик министер за труд и социјала. Револтот е голем зошто граѓаните сведочат дека често пати биле мета на полицијата и при најмали и безопасни сообраќајни прекршоци, а заменикот министер дури и си дозволил да побегне од местото, а во негово име лажно да сведочи друго лице кое тврдело дека управувало со возилото.
Ќе успеат ли да ја фалсификуваат вистината, се прашуваат граѓани на Фејсбук, откако МВР информира дека Спасов направил две сообраќајки, им избегал на „алфите“ и згора на се – трето лице сведочело дека тоа го возело „туарегот“, иако сопатничката на Спасов, потврдила дека во џипот биле само двајца.
„За лажно сведочење се знае што следува, а и за бегање од сообраќајка се приведува и се спие во полициска станица“, реагираат граѓани на Фејсбук против какви било обиди за спроведување селективна правда во случајов.
Од МВР за „Фокус“ објаснуваат дека Диме Спасов најавил дека денеска ќе се појави по полиција во врска со сообраќајката, но до пред половина час тој се уште не го направил тоа. Се претпоставува дека заменик министерот сака да ги избегне новинарите и телевизиските камери и затоа не дошол во најавеното време претпладне. Ако Спасов не се појави во полиција и ако не се одѕве на покана на службениците, полицијата ќе постапи согласно прописите, уверуваат од МВР.
Инаку, МВР денеска соопшти дека полициски службеници лично и непосредно утврдиле дека од возилото ПМВ Туарег, сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К..
„Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, по што од страна на полицискиот службеник била известена Единицата за Информирање и Командување. За време на утврдувањето на идентитетот на Т.К., лицето кое го управувало возилото Д. С. разговарало на мобилен телефон и се оддалечило од возилото на неколку метри, по што со трчање се дало во бегство во правец на ул„Дрезденска“.
Од страна на УПС од ПСОН Карпош заедно со тимови од единицата АЛФА биле извршени обиколки во непосредната околина, но лицето не било пронајдено односно успеало да избега“, потврди МВР.