Граѓани од Скопје реагираат: Би ги пуштил ли некој градоначалник своите деца во близина на ваква депонија?

by Fokus

Читатели на ,,Фокус” ни доставија фотографии направени синоќа пред Сумнал – Здружение за развој на Ромската заедница во земјава, на кои се гледаат купишта ѓубре.

Велат дека сакаат да ги алармираат надлежните да превземат нешто и да го решат проблемот, бидејќи Сумнал го посетуваат деца и родителите се плашат од зарази и болести.

-Ова е еден вид на дискриминација на децата Роми. Права депонија и никому не му е грижа. Ова е место каде доаѓаат деца Роми од предучилишна возраст, и што има да видат? Проблемот се решава со три контејнери, ете толку треба. Зборуваме за надминување на нееднаквоста, за проект каде се работи со деца кои се маргинализирани, а каква е сликата која ја гледаме овде? Во срцето на главниот град, депонија! Ги видел ли овие слики градоначалникот на Чаир? Дали некој градоначалник би го пуштил своето дете во ваква средина? – прашуваат читаталите кои ни ги испратија фотографиите.

Додаваат дека се разочарани, бидејќи редовно пред избори им се даваат многу ветувања, а потоа се заборава на нив. Апелираат до надлежните служби да излезат на терен и да ја расчистат депонијата, но и да постават контејнери за отпад, за во иднина да не се соочуваат со истиот проблем.

Вики Клинчарова

Поврзани новости