Граѓанската иницијатива „ Јас барам/ Ние бараме“ денеска напладне јавно се обрати во паркот пред Собранието и побара итно расчистување на крвавиот обид за велепредавство и насилно уривање на уставниот поредок кој се случи во Собранието на 27 април, мандатот на СЈО да биде продолжен по 30 јуни, департизација и враќање на инстутициите во државата како сервис на граѓаните, јави Макфакс.
-Никој не смее да го спречи формирањето на Влада и очекуваме таа да биде реформска, да ги департизира институциите. Инстистираме на брза и ефикасна истрага од надлежните институции за кревавиот напад во Собранието и бараме јавниот обвинител Марко Зврлевски да биде разрешен, пренесува Макфакс изјава од Јане Лазевски од граѓанската иницијатива.
Од иницијативата велат дека како одговорни, свесни и активни граѓани, длабоко се загрижени за ситуацијата во која што се наоѓа Македонија.
„Сакаме да дадеме поддршка на изборот на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери. Собранието треба веднаш непречено да почне да работи и да ја врши својата функција на законодавен дом“, велат од иницијативата.
По завршување на настанот иницијативата поддржана од 111 граѓани: „Јас барам / Ние бараме“ испрати соопштение до медиумите со шест барања:
1. Формирање на нова Влада во најкус можен рок, департизација ивраќање на функционалноста на институциите во државата како сервис на граѓаните.
Никој не смее да го спречи формирањето на нова Влада на Република Македонија. Очекуваме новата влада да биде реформска, да ги департизира институциите, да ги одрази очекувањата за темелни промени и да ја поврати фунционалноста на институциите како сервис на граѓаните.
2. Итно расчистување на крвавиот обид за велепредавство и насилно уривање на уставниот поредок кој се случи во Собранието од 27.04.2017 и одговорност за сите инволвирани согласно нивните дела и акции. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство бараме да си ја завршат работата професионално и одговорно.
Инсистираме на брза и ефикасна истрага од надлежните институции која ќе донесе одговорност за насилниците кои се кријат зад наводни граѓански иницијативи и крвавиот напад врз пратеници, новинари и вработени во Собранието на РМ. Бараме јавниот обвинител Марко Зврелевски да биде разрешен. Бараме кривична и политичка одговорност за наредбодавачите, инспираторите и организаторите, вклучувајќи ги и оние кои седат во институциите и политичките партии, за 28те извршени кривични дела кои ги нотира Хелсиншкиот комитет, вклучувајќи: обид за убиство, велепредавство, насилство спрема претставници на највисоките државни органи, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, повикување на насилна промена на уставниот поредок, злоупотреба на службена должности и злосторничко здружување.
3. Мандатот на Специјалното јавно обвинителство да биде продолжен и по 30 јуни 2017 и да не се попречува неговата работа од страна на други институции.
Даваме целосна поддршка за продолжување на мандатот на СЈО за непречено откривање на вистината и понесување одговорност на најодговорните. Посочуваме дека сме против секоја идеја за амнестија на политичарите или нивните соработници за злоделата што се сторени во Македонија, а се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.
4. Секое насилство да биде осудено и соодветно санкционирано. Институциите и партиските лидери да изразат цврсти уверувања дека во Македонија говорот на омраза и криминалот од омраза нема да се толерираат и сите еднакво ќе одговараат пред законот.
Институциите треба да постапуваат неодложно и да го санкционираат говорот на омраза и криминалот од омраза. Политичарите да се застапуваат за вредностите на соживот и интеграција и да не се дозволува ширење тензии и поделби меѓу граѓаните.
5. Политичкиот прогон од страна на институциите на заробената држава врз граѓанските организации да запре, граѓаните и нивните здружувања да не бидат попречувани во користењето на своите права и слободи.
Институциите да им овозможат на граѓаните да ги практикуваат своите права, а нивните апели за владеење на правото и слободна демократска Македонија да бидат чуени. Оркестрираните напади и контроли врз десетици организации да запрат и да им се овозможи да се вратат на својата работа.
6. Да се овозможи на медиумите да ги информираат граѓаните објективно без да се соочуваат со притисоци и насилство.
Новинарите и медиумските работници мора да бидат заштитени во вршењето на својата должност од насилства и почитички притисоци. Јавниот радиодифузен сервис да почне да ги известува објективно граѓаните на државата а институциите да обезбедат слободен простор за објективно и одговорно новинарско работење.
ФОТО: Макфакс