Ниту една владина институција нема понудено помош на ниту една општина за справување со последиците од невремето, реагира претседателот на Скопскиот плански регион и градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски по силното невреме што го зафати вчера Скопје и предизвика штети.
Изјавата на претседателот на Скопскиот плански регион, Бобан Стефковски, доаѓа по координацијата со градоначалниците на општините од Скопје, од кои повеќето се од ВМРО-ДПМНЕ, а кои беа погодени од вчерашното невреме.
-Како претседател на Скопскиот плански регион сакам да го истакнам своето незадоволство од целосната незаинтересираност од страна на Владата на Република Македонија во врска со вчерашното невреме, односно со последиците настанати од него.
Граѓаните и целата македонска јавност беа сведоци дека вчера попладне градоначалниците на Град Скопје и општините од Градот Скопје кој беа погодени од силното невреме беа оставени сами со своите ресурси да се справуваат со последиците.
Јасното неделување на Владата во вчерашното попладне не беше опструкција кон градоначалниците, туку директна опструкција кон граѓаните.
И покрај сите опструкции, градоначалниците на Град Скопје и општините во Градот Скопје кои беа погодени од невремето успешно, брзо и ефикасно се справија со сите проблеми настанати на терен и за неколку часа по невремето сите улици беа расчистени, пишува Стефковски.
Тој апелира Владата да формира владин кризен штаб со преставници од сите надлежни институции за делување во време на елементарни непогоди со цел заедничко делување во интерес на граѓаните.