Градоначалникот на Радовиш најави чистка на уличните кучиња

by Фокус

Радовишани се кренаа на нозе откако градоначалникот на општината Сашко Николов најави отстранување на кучињата скитници во општината, без да каже за какво „отстранување“ всушност станува збор. На официјалната веб-страна на општината вчера беше објавено соопштение со следнава содржина:

По ваквата објава, голем број граѓани реагиаа на социјалните мрежи, не знаејќи дали станува збор за убивање, труење или за нивно хумано третирање, со оглед на тоа што во голем број општини се крши Законот за заштита и благосостојба на животните со убиства и труења на уличните кучиња.

Со реакција се јави и здружението за заштита на животните Анима Мунди.

„Сакаме да веруваме дека станува збор за ненамерна грешка и пропусти во најавата за отстранување на бездомните животни и дека општина Радовиш нема намера да примени никакви сурови методи за надминување на проблемот со бездомните животни, односно ќе ја гарантира заштитата и благосостојбата на животните, зошто само на тој начин ќе ја гарантира и здравствената заштита и безбедноста на граѓаните. На проблемот со прекубројноста на бездомните животни треба да се пристапи од најмалку 4 аспекти: 1) масовна стерилизација на бездомните животни, вакцинација, обележување и нивно враќање на територијата на која се заловени; 2) едукација на населението и промоција на вдомувањето миленици наместо купување; 3) промоција на одговорно сопствеништво, стерилизација на животни со сопственик; 4) строги казни во случаи на неодговорно сопствеништво, неконтролирано размножување и напуштање на животните“, се вели во реакцијата.

Денеска, градоначалникот Николов изврши исправка на соопштението со образложение дека кон кучињата скитници ќе се постапува хумано.

Николов за Фокус изјави дека кучињата скитници ќе бидат однесени во прифатилиште во Неготино, избрано на тендер и дека таму ќе биде извршена нивна стерилизација, ќе им биде ставен микрочип, ќе се вакцинираат и вратат на местото од каде што биле заловени.

„Ќе биде постапено хумано, јас ве уверувам дека ниту едно куче нема да биде убиено, освен оние што се многу болни или агресивни“, уверува Николов.

Здружението Анима Мунди сака да изврши мониторирање на овој процес, со оглед на тоа што Македонија заостанува во хуманиот третман кон животните. Секојдневно, спротивно на законот, се вршат убиства и масовни труења на кучиња, без да се земе предвид дека од отровите можат да настрадаат и луѓето.

Сето ова, според активистите за заштита на животните, не го решава проблемот со уличните кучиња. Според нив, она што треба да се стори е да се постапува согласно Законот, кој предвидува дека уличните кучиња треба да бидат стерилизирани, обележани и соодветно истретирани против болести, а потоа да се вратат на истата локација, со цел да не се населат нови единки.

„Доколку општините го следат овој пример, тогаш за 7-8 години, колку што е всушност животниот век на едно улично куче, Македонија во целост ќе се справи со овој проблем, а со тоа задоволни ќе бидат и љубителите на животни но и оние на кои им пречат. Сите останати тактики на расфрлање отрови и сурови чистки само го замачкува реалниот проблем, бидејќи на истата територија веднаш ќе се населат нови кучиња“, велат активистите.

Поврзани новости