Oд Главниот кризен штаб и од Комисијата за заразни, бараме да се воведе карантин на територијата на општина Прилеп, вели градоначалникот Илија Јованоски.
Ситуацијата со ковид-19 e крајно загрижувачка во Прилеп и има застрашувачка тенденција на ширење на заразата. Инаку Јованоски и самиот е лекар и веќе трета недела својот работен ден го започнува на инфективното одделение во градот каде се лекуваат болни од ковид-19. Тој вели она што го загрижува е секојдневниот висок процент на заразени во Прилеп, како и бројот на починати од ковид-19.
Само вчера во Прилеп како новозаразени се регистрирани 78 лица, а бројката на вкупно заразени е 2.844, од кои активни се 1.040.
Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари има дилема околу воведувањето карантин, бидејќи цени дека тоа би имало тешки последици врз локалната економија на Гостивар, но, како лекар, смета дека воведувањето ваква рестриктивна мерка е неопходна.
-Како градоначалник не сум за карантин единствено заради финансискиот опстанок на граѓаните. А како лекар недвојбено е и јасно е, уште утре треба да побараме од Министерството за здравство и Владата карантин за Гостивар. Нашата општина нема големи фабрички капацитети, тука луѓето егизстираат од мали бизниси, дуќани за трговија, кафулиња и работниците главно заработуваат на дневници. Би било погубно тие бизниси да се затворат на еден месец, бидејќи ние немаме државни резерви за такви намени, изјави вчера Таравари.
Од почетокот на пандемијата, заклучно со вчерашниот ден вкупниот број на активни случаи е 20.914.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 58.608, бројката на оздравени пациенти е 36.064, на починати е 1.630, а бројот на активни случаи изнесува 20.914.