Топка, не многу голема, веројатно од оние за одбојка или ракомет на плажа, залутана во длабочината на морето, малку издишана, но според градоначалничката на општина Касандра Анастасиа Халкиа, доволна да спаси човечки живот, животот на 30-годишниот Иван, кој по 19 часа сега е веќе на копно и во добра здравствена состојба, јави дописничката на МИА од Атина.
Градоначалничката, која уште од првиот момент вчера, одблиску ја следи спасувачката акција за пронаоѓањето на македонските туристи кои исчезнаа во немирното море на првиот крак на Халкидики, во разговор со дописничката на МИА од Атина, открива детали, како 30-годишниот успеал да преживее.
-Искрено сум многу среќна откако дознав дека е жив по 19 часа борба во морето. До него имало една топка и таа топка била неговиот спас, вели градоначалничката која не може да ја скрие радоста што момчето беше пронајдено живо, особено по толку часови во морето.
Вели дека станува збор за силно, паметно, спортски градено момче, разговарала со него и е во добра здравствена состојба, „секако дехидриран е и уморен, што е нормално“.
Објаснува дека првично бил пренесен во здравствениот дом во Касандра, а оттаму префрлен во болница во Солун, за да му се направат сите испитувања и „за да бидеме 100 отсто сигурни дека е се во ред“.
-Мислам дека имаше или има роденден. Господ му подари голем подарок, му даде живот. Му посакувам да е жив и здрав, а следната моја желба е да се најде и третото момче. Сите помагаме во потрагата, сите волонтери од општина Касандра се таму, рибарите, се разбира, военото воздухопловство, крајбрежната служба, сите спасувачки тимови, објаснува Халкиа за МИА.
Додава дека со спасувањето на Иван ѝ се вратила надежта дека може и третото момче да биде пронајдено живо.
Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнат, односно 28-годишен македонски државјанин.
Вчера попладне тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.
Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.
Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот вчера беше спасен по поминати околу два часа во вода, додека пак денеска, беше пронајден и 30-годишниот.
Со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, спасениот денеска стапна на копно, а на пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои од вчера детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.
На еден од чамците на спасувачките екипи, додека траеше потрагата беа и братот и таткото на спасениот, кои од Северна Македонија пристигнале на Халкидики.