Градоначалниче Ганиу, вашите чаирчани не се однесуваат баш „спортски“

by Fokus

Воведувањето на полицискиот час за продолжениот викенд повторно ја револтираше јавноста во Северна Македонија. И додека голем дел од луѓето ги почитуваат мерките за да заврши „лудилото“ наречено корона вирус, жителите на Чаир мува не ги лази.

Си играат оро за време на полициски час, па така и ја движат државата – две напред, три назад. За нив очигледно не важат никакви мерки и препораки и си тераат ќеф со ладна глава. Но, градоначалниче Висар Ганиу, нивното однесување не е спортско, мора да се признае.

Вие, пред да влезете во политиката, бевте и тренер на ФК Шкупи па и сами знаете колку ве почитуваа и ви воздигнуваа навивачите на клубот, „Шверцери“. Сега, кога сте „капитен“ на една општина, зошто вашите „играчи“ се однесуваат некоректно на терен?

Снимките од телевизиските прилози и фотографиите сведочат дека во Чаир не владее законот за сите, па луѓето мирно си пазарат од маркети, додека полицијата им е пред нос.

И тоа се неколкумина, но баш тие ја нарушуваат атмосферата во соблекувалната. А во соблекувалната сме сите, собрани на купче. Седиме на клупите, молчиме и чекаме да заврши натпреварот, за на крајот сите заедно да ја прославиме победата.

А токму поради дел од вашите жители, цело време судијата ни го продолжува натпреварот и судиското продолжение не вади од кожа.

Како велеше нашата хероина Атиџе од филмот „Медена земја“?

„Еден ако ги прекрши правилата, сите ќе страдаат“. И тоа во пракса е така, секогаш. Еден од вашите „играчи“ ако добие црвен картон, се зголемува нервозата во тимот, а соблекувалната е секогаш гневна. Но, ваша задача е тимот да го задржите на највисокото ниво и да не дозволите раздор во соблекувалната.

Мислам дека ова е единствениот натпревар по кој не треба да бидеме први на табелата. А од земјите во регионот, за жал ние сме лидери.

Во вашата општина има над 150 активни случаи на корона вирус, само поради тоа што не се почитувале судиските одлуки на натпреварот. И запомнете, ова е реванш-дуел со нашиот невидлив непријател. Мора да направиме пресврт, за да ја продолжиме сезоната без грижи.

Додека сте „надвор“ од теренот, комуницирајте преку вашиот најдобар тимски играч, а штом се вратите во строј, мора да го соберете тимот на едно место и како капитен да ги повишите гласот – вие сте лидер, мора да ве слушаат играчите.

Кажете им како да се однесуваат во ова второ полувреме од мечот, барем вие знаете како се настапува на големите „натпревари“. Сите сакаме што побрзо да завршат тие 45 минути без никакви „продолженија“ и  да се радуваме на сите успеси.

ПОСЕДОТ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ ГО „ДРЖАТ“ УШТЕ НЕКОЛКУ „ЕКИПИ“

Ако „поседот“ на топката за непочитување на натпреварот го има Општина Чаир во 70 отсто на територија на Скопје, тогаш останатите 30 припаѓаат на уште неколкуте скопски општини. И таму има проблематични „играчи“, кои прават сопки на тимот.

Но, „капитените“ на тие екипи исто како и Ганиу, ќе мора да поработат со тимовите за да ја завршиме сезоната успешно.

Ако во спортот се најважни бројките, тогаш во овој „натпревар“ тие навистина не ни се драги. Статистиката во оваа ситуација ни е најважна само за нашиот „голман“ – колку пати ќе ја сочува својата мрежа и ќе ги одбрани ударите на опасниот „напаѓач“.

Најмалку е што сакаме нашиот „голман“ да се повреди или побара измена, затоа што резерва немаме, мора и одбраната да одигра добро, да ги сочуваме неговите сили за овој неочекуван „турнир“.

Спортски поздрав

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости