Градбите од „Скопје 2014“ за кои беа потрошени милиони се поплавија

by fokus

Врнежливото време им предизвика проблеми на дел од институциите од културата. Протекува покривот на МНТ, во Центарот за култура во Штип се откинал дел од лимениот покрив, има проблеми во Археолошкиот музеј. Ова беше заклучено на денешната прес-конференција на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Новите градби од пред четири години на Македонскиот народен театар и Археолошкиот музеј ги покажуваат истите проблеми заедно со објектите изградени пред 60 години, вели министерот.

– Протекува покривот на МНТ. Во Штип во Центарот за култура ни се случи поради силниот ветар и откинување на дел од лимениот покрив. Ситуацијата дополнително се комплицира, затоа што е на крај на фискална година и дури и тендери за итни работи не може да се спроведат до крајот на годината – изјави Алаѓозоски.

Нагласи дека изведувачите, надзорните органи и стручните служби ќе треба да понесат одговорност.

– Ќе утврдиме кој и зошто не ги извел квалитетно работите и ќе поднесеме тужби за сите оние ситуации каде гледаме дека криминалната мрежа на нестручно градење објекти функционирала – рече Алаѓозоски.

Директорот на МНТ Драган Спасов Дац, рече дека може да се работи во Македонскиот народен театар, само што се кријат некои работи.

– Тече на сцена, капе овде на влезот. Ова е поркиено за да си го сокриеме срамот. На едно место се собира вода и протекува, а на сцената е директно од покривот – рече Дац.

Директорот на Археолошкиот музеј на Македонија Горан Санев, рече дека состојбата во изложбените простории е стабилна и под контрола.

– Проблемите се на надворешните слоеви на зградата. На делот на гаражите кои се споени со самата зграда и каде протекува атмосферската вода и за несреќа протекува точно врз електрична инсталација. Од самиот почеток и повеќе пати сме се обиделе да најдеме решени за тоа – изјави Санев.

Министерот Алаѓозовски упати апел до компаниите да помогнат со донации или да интервенираат во институциите.

 

Поврзани новости