Градот Скопје реагираше на, како што велат оттаму, невистините и паушалните информации на Андреј Жерновски. Градоначалникот на Центар денеска им понуди на центарци од ул. „Македонија“ неговата општина да им направи фасада која нема да биде барокна, како што во петокот им предложи скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
– Градот Скопје сака да нагласи дека проектот за реконструкција на фасадите во централното градско подрачје е почнат пред неколку години кога градоначалник на општината Центар беше Владимир Тодоровиќ. Уште на почетокот на овој проект беше договорено Градот Скопје да го обнови предниот дел на фасадите, а Општината Центар да ја обнови задната страна. Особено сакаме да го потсетиме градоначалникот Жерновски, општината Центар и да нагласиме пред јавноста дека сите фасади кои ги реконструира Градот Скопје се енергетски ефикасни и ги задоволуваат стандардите за енергетска ефикасност. Зошто општината Центар, откако Жерновски е на градоначалничката функција, не го прифаќа тој договор и не ја продолжува реконструкцијата на задните страни од реконструираните фасади, не знаеме да одговориме – велат од градот.
Според кабинетот на Трајановски, писмата што изминативе неколку дена се испраќаат до сите станари во неколку згради во центарот е со цел сите станари да бидат информирани за проектот за реконструкција на фасадата од нивната зграда и не претставува никаков притисок врз нив.
– Истото писмо е испратено со цел сите станари во зградите да го искажат своето мислење за предложената реконструкција на фасадата. Според наши информаци, во одредени згради има станари кои воопшто не биле прашани за потребата од рекоинструкција на фасадата. Сакаме да му предочиме на градоначлникот Андреј Жерновски дека доколку тој сака да реконструира фасади, во општината Центар има доволно објекти на кои им е потребна реконструкција. Или, доколку сака, може да ги реконструира задните страни од фасадите што веќе ги обнови Градот Скопје и да го исполни својот дел од договорот – велат од Градот Скопје.