Град Скопје: Запалени 8 контејнери за една вечер

by fokus

Во текот на изминатата ноќ непознати сторители запалиле осум контејнери за одлагање смет што беа поставени во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче, со што е предизвикана голема материјална штета, а од огнот се оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад, соопштуваат од Град Скопје.

Градските власти се повикуваат на податоци на ЈП „Комунална хигиена“, од каде информираат дека два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 кубни метри биле опожарени во текот на ноќта на главната улица во населбата Ѓорче Петров. Во истиот период се запалени и шест пластични контејнери од 1,1 кубен метар во населбата Ново Лисиче.

Ваков инцидент се случи и изминатиот викенд, кога во скопската населба Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло. Претходно, еден нов контејнер беше опожарен и на улицата Франклин Рузвелт“, соопштува Град Скопје.

Според Градот, сите случаи на опожарување на садовите за одлагање отпад се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите. Опожарените контејнери на улицата Ѓорче Петров, велат тие, се веќе заменети со нови.

Градот Скопје и ЈП ‘Комунална хигиена’ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Поврзани новости