Утре ќе биде распишан нов повик за вклучување на приватните автобуски превозници во јавниот превоз во главниот град, потврдуваат за МИА од Град Скопје.
Претходно, на 1 март од Град Скопје најавија дека ваков повик ќе биде распишан наскоро, но, тогаш нагласија дека „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да учествуваат на него поради пречките кои произлегуваат од раскинатиот договор кој забранува учество на јавен повик доколку договорот биде раскине пред истекот и по нивна вина.
– Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање, како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз, посочија во тогашното соопштение од Град Скопје.
Од Градот напоменаа дека тие немаат никаков долг кон превозниците, а оти договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на Скопје.