Град Скопје се подготвува да ги гради тунелите под Кале, еден од најкапиталните инфраструктурни проекти ветени во изборната кампања на градоначалникот Петре Шилегов. Планирано е пролетва да почне да се испитува теренот и во зависност од резултатите да се почне со предвидената динамика.
-Постои готов инфраструктурен проект, а и тунелите се вцртани во Генералниот урбанистички план. Предвидено е оваа година да се направи проектната документација, а наредната да се почне со изведба“, велат од Град Скопје за „Независен весник“. Допрва ќе се знае ориентационо колку ќе чини изградбата, која пред сѐ ќе зависи од исходот од тендерот за избор на градежна фирма и дали во меѓувреме можеби ќе се договори во проектот финансиски да учествува и државата.
А, дека не е исклучена таа можност, показател е можеби и фотографијата која неодамна се појави на социјалните мрежи. Меѓу другите, на неа, покрај скопскиот градоначалник, се и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, кој е поранешен член на Советот на Град Скопје, директорот на владината служба за општи и заеднички работи Пеце Мирчески, министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Тунелот, всушност, треба да минува помеѓу француските гробишта и Музејот на современата уметност. Се работи за едноцевен тунел, дел од идната оска на булеварите „Свети Климент Охридски“ и „Македонско-косовска бригада“, која треба да е втора директна врска на централното градско подрачје со северните делови на градот. Според урбанистичките планови, булеварот „Свети Климент Охридски“ кај Владата треба да се продолжи и да го премости Вардар, да влегува во тунел на околу 7 метри над улицата „Лазар Личеноски“ и после излезот од тунелот со клучка да се поврзе со булеварите „Македонско-косовска бригада“ и „Никола Карев“.