Град Скопје : Откако син на пратеничка доби 100 евра се укинува паричната награда

by Fokus

Откако наградната игра на Град Скопје со хаштаг #СкопјеДома или #СедиДома наиде на потсмев на социјалните мрежи бидејќи денешниот добитник на наградата од 100 евра излезе дека е син на пратеничка од редовите на владеачката партија, градските власти се решија да ја укинат наградата од 6000 денари за најкреативна фотографија направена во домашни услови.

– Изминативе денови Град Скопје организираше кампања #СкопјеДома на социјалните медиуми во поддршка на мерките на Министерството за Здравство за повикување и охрабрување на граѓаните на главниот град да го поминуваат времето во своите домови. Поради појавените негативни коментари и немањето потреба оваа кампања да предизвикува контроверзии во јавноста, решивме од денеска да ја укинеме паричната награда на конкурсот.

– Оваа кампања беше планирана да трае 30 дена и да има вкупен награден фонд од 3000 евра за да стимулира поголема вклученост на граѓаните во препораките во услови на вонредна состојба. Слични вакви повици Градот организирал на полето на образованието, урбанизмот, културата, именувањето на улиците и сл. и тие секогаш наидувале на позитивен прием во јавноста. Но, во овој случај не сакаме да долеваме масло на огнот и да придонесуваме во контроверзи во услови на вонредна состојба. Сметаме дека на Скопјани не им е потребен единствено финансиски поттик за да меѓусебно се охрабруваат како креативно да го поминат времето дома. Затоа, оваа страница ќе остане отоворена и секој ден ќе избираме најдобра фотографија, но без никаква награда, стои во нивната фејсбук објавата.

Поврзани новости