Од Град Скопје утрово преку соопштение демантираа дека започнала барокизацијата на ГТЦ. Градските власти информираат дека тараби биле поставени околу паркот „Жена – борец“ поради негова реконструкција.
„Во наредниот период ќе се изврши реконструкција на пешачките патеки во паркот, ќе се постави ново осветлување, ќе се реконструира зеленилото, а на крај ќе биде поставена и нова урбана опрема. Градежните работи на терен ги извршува фирмата „Урбан инвест“ од Кавадарци, соопштуваат од Град Скопје.
Ова следува откако вчера во јавноста почнаа да се споделуваат фотографии од тарабите, со коментари дека на ГТЦ му се „готви“ барок додека граѓаните се на годишни одмори.
Инаку, Владата донесе одлука за поставување на барокна фасада на ГТЦ, а одлуката беше објавена во Службен весник на 3-ти јули годинава, и покрај сите негодувања од организации и граѓани.