Град Скопје објави тендер за идеен проект за „автобуско метро“

by Фокус

Град Скопје денеска објави тендер за изработка на идеен проект за изградба на брз автобуски систем (автобуско метро) за трасата Ѓорче Петров-Ново Лисиче.

Крајниот рок за поднесување на понуди е 3 септември, при што за најповолна понуда, пишува во тендерската документација, ќе биде избрана онаа која ќе биде оценета како економски најисплатлива.

Притоа, цената и квалитетот ќе бидат подеднакво вреднувани, односно и за едниот и за другиот критериум се предвидени по максимални 50 бодови.

Просечната должина на оваа траса за автобуското метро е 12,81 километри, а во документацијата пишува дека приближниот број на патници кои ја користат оваа траса на дневно ниво е 65 000.

На оваа траса е предвидено „автобуското метро“ да застанува на 21 станица во еден правец плус два терминала.„Проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на БРТ во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај. Да се направи анализа што ќе се случи зимно време при чистење на снег и во зависност од резултатите да се даде мислење дали поставувањето на разграничувачи е неопходно или ќе биде доволно да се постави хоризонтална сигнализација“, пишува во проектната документација.

 

Поврзани новости