Град Скопје не кажува дали ќе плаќа пенали ако го откаже украсувањето

by fokus

Град Скопје на дава конкретни одговори до каде е процедурата за раскинување на договорот за новогодишно украсување на градот, ниту дали ќе треба да плаќа пенали за раскинување на договорот, односно дали фирмата Линк медиа прифаќа спогодбено раскинување на договорот.

На прашањето дали е почната процедурата за раскинување на договорот, како и дали Градот ќе треба да плаќа пенали, од Град Скопје велат:

 Соочени со енергетската криза која е во тек, а имајќи во предвид дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена, како и во согласност со Владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус дооел за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000,00 денари односно 243.000,00 евра.

Пред 12 дена градоначалничката Данела Арсовска најави дека Град Скопје ќе го раскине договорот за новогодишно украсување склучен со фирмата Линк медиа плус и рече дека се надева дека фирмата ќе биде општествено одговорна и ќе има разбирање да се раскине договорот спогодбено.

Во однос на тоа на кој начин ќе се украсува градот оваа година и колку средства ќе бидат одвоени за таа намена, од Град Скопје не даваат одговор, само велат дека „за оваа година се планира поскромен пречек, а програмата дополнително ќе биде презентирана на јавноста“.

Од идната година најавуваат купување украси кои ќе бидат сопственост на градот со што, како што велат, ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости