Град Скопје, на предлог на градоначалничката Данела Арсовска, ќе формира Јавна установа за урбанизам „ Кензо Танге“.
Предлогот денеска беше прифатен од советниците на Советот на Град Скопје, со цел подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работите од урбанистичкото планирање, како и за обезбедување на оптималните услови за вршење на дејноста уредени со Законот за урбанистичко планирање.
„Јавната установа за урбанизам покрај дефинираните надлежности согласно со Националната класификација на дејности ќе учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, ќе изработува урбанистички планови и урбанистички проекти и учествува во нивното донесување, спроведување и следење на спроведувањето, изработка стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти согласно условите за вршење на ревизија пропишани со закон, изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти, како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот“, се вели во образложението.