Град Скопје ќе потроши дополнителни 3 милиони евра за барокната Градска куќа!

by fokus

Градоначалникот Коце Трајановски ќе потроши дополнителни 3.165.000 евра за доградба на Градската куќа под Кале, објeкт кој е наменет за администрацијата на Град Скопје. Изградбата на овој барокен објeкт почна во 2011 година, но течеше бавно, бидејќи зградата е далеку од финалниот изглед.

Кога беа удрени темелите беше најавено дека објактот ќе чини 14,6 милиони евра, а за изградбата беше задолжена градежната компанија Бетон Скопје. Сепак неодамна Градот одлучил дека се потребни дополнителни средства, поради што склучиле договор со фирмата изведувач, без објавување на оглас.

„Во текот на реализација на Основниот договор за јавна набавка за изградба на објект Градска куќа донесен е Правилник за енергетски карактеристики на зградите. За усогласеноста на градбата на објект-деловно административна зграда за потребите на Град Скопје побара мислење од надзорниот орган „Евро Консалтинг“ Доо, Скопје кој достави препорака во оваа фаза на градба (фаза на карабина) да се изврши усогласување на проектната документација-објектот со важечкиот закон за енергетска ефикасност, пред се поради понатамошни трошоци и експлоатација и употреба на објектот. Во соработка врз основ на Меморандум помеѓу Град Скопје и Центарот за енергетска ефикасност Здружение „Мацеф“ од Скопје достави Извештај за усогласеност на проектно-техничката документација за изградба на деловно техничката зграда за потребите на Град Скопје во кој беше константирано дека предвидените проектни решенија не ги задоволуваат минималните барања за енергетска ефикасност предвидени со новиот Правилник . Истиот Извештај доставен е и до проектантот на објектот „Кад Биро“ Доо, Скопје со предлог за измена на Основниот проект“, се вели во објаснувањето на Град Скопје.

Градската куќа се простира на парцела со површина од 1.274 квадратни метри под Кале и е во близина на новиот објект на „Водовод и канализација“. Проектот предвидува новиот објект во барок стил да има работен простор за 650 лица и да биде на шест надземни и три подземни нивоа. Администрацијата ќе биде сместена во океански простории распоредени од првиот до четвртиот кат. На петтиот кат се планирани канцеларии за кабинетот на градоначалникот и за секретарот на Градот, како и сала за Советот и неговиот претседател. На приземјето, пак, ќе се наоѓа архивата како и други простории наменети за директните корисници на услугите на Градот Скопје. Во подземните нивоа е планиран паркинг со капацитет за 170 возила.

 

 

Поврзани новости