Советот на Град Скопје на денешната седница го прифати предлогот за прогласување на заштитениот локалитет на Кањонот Матка за споменик на природата. Предлогот беше поздравен од советниците.
Со тоа, Советот на Град Скопје му предлага на Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе постапка за ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет на подрачјето на Град Скопје „Кањон Матка“ за споменик на природата.
Советничката Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ на седницата апелираше инцијативата што ќе се прати во МЖСПП да не седи, како што рече, долго време по фиоки и да се чекаат мислења од страна на засегнати страни.
– Секој ден е значаен, знаеме дека со заштитата на Кањонот Матка ќе се скратат, ќе се оневозможат апетитите на многумина кои знаеме дека последниве години и на дело ја покажуваат својата совест, конкретно за дивите градби. Иницијативата е супер, да бидеме солидарни и заеднички да се потрудиме што побрзо МЖСПП да ја донесе одлуката и да биде прогласен овој Кањон за национален парк, рече Колариќ.